Спорт1:Сега одбојкарите се херои, а кога ги праќавте со расипан автобус низ Европа?!

0
81

Нема некој што остана рамнодушен на големиот успех што го прават македонските одбојкари и рекламата која бесплатно ја нудат на цела Европа. Нивниот дух, пожртвуваност, инает, невиден патритозам… ги носеше до две тешки победи (засега) и на чекор до осминафиналето од Европското првенство кое се одржува во Словенија и во уште три земји.

Деновиве со честитки се изредија сите – од премиер, до градоначалници, министри, секакви си политичари, сите во обид да ќарат поен плус. Но…

Да се вратиме нешто повеќе од четири години наназад. Ви текнува ли на кое дереџе беа сега херојот Ѓорѓиев и другарите?

– Ги пратија во Полска во градот Валбжих (1.400 километри од Скопје) со автобус на Ф4 од Европската лига. Попат, среде август, им цркна климата. Па, им цркна цел автобус некаде помеѓу Лесковац и Ниш. Па го поправаа и патуваа 28 часа до одредиштето. И го одиграа Ф4. ОФМ тогаш се жалеше дека немаат пари за билети и дека е пристојно да се оди со автобиус. Политичарите ги немаше…

– Измрцварени до даска, одиграа херојски таа година и во финалето загубија од Словенија, која вечерва ја пониживме на нејзин терен, среде Љубљана. Никола Ѓорѓиев и Јовица Симовски беа во идеалниот тим на тој Ф4. Никој од политичарите ништо не кажа..

– Во 2016 во Варна, повторно загубивме во финалето, сега од Естонија. Без никаква помпа отидоа и се вратија. Никола Ѓорѓиев беше во идеалниот тим на Ф4 турнирот во Бугарија. Молкот на политичарите продолжи.

– Во 2017 во Данска, пак второ место. Украина сега беше подобра, во најдобриот тим на Ф4 повторно, по навика Никола Ѓорѓиев, сега со него и Ѓоко Јосифов. Повторно молк од тие што денеска вриштат „Браво херои“, но одбојкарите не им останаа должни. Трет голем успех, второ место во Европската лига, а никој не ги удостои ни со пригоден говор. И затоа, момците поентираа – си организираа самите пречек на плоштадот каде што го играа истото оро како и деновиве во Љубљана. На плоштадот се собра малку народ, немаше политичари нормално. Но, бидна пресвртницата…

– Беше потребно да заиграат оро, а не одбојка за да го привлечат вниманието на себе. Едно оро ја крена македонската јавност на нозе и ја заинтересира за одбојка иако кога репрезентацијата ги играше своите натпревари салата „Кале“ не беше исполнета. Сега пред ЕП, локалните шерифи од чаирски Шкупи дури и ќе ги тепаа, зашто мислеа дека ќе им го земат терминот за футсал.

Одбојкарската репрезентација на Македонија беше неоправдано фрлена во сенка на останатите екипни спортови, а момците веќе со години покажуваат дека заслужуваат поголема поддршка од сите страни. Најмногу од државата која треба да ги удостои со вистински услови за работа какви што треба да имаат врвните спортисти.

Замислете да им купеа авиобилети пред четири години за да стигнат до Полска како што личи? Каде ќе им беше крајот?
Извор:Спорт1.мк