Фетаи контра Верушевски: Никој во судница не зборува за монтирани „бомби“

0
52

сказот на сведокот Зоран Верушевски дека „бомбите“ се модифицирани и компромитирани, не може да влијае на постапките, ниту на автентичноста на материјалите, вели обвинителката Фатиме Фетаи. Според неа, Верушевски допрва ќе треба да се дообјасни во судница, оти го чека вкрстено испрашување, но и евентуални прашања од судот од појаснувачки карактер.

„Читав по медиумите дека Верушевски кажал дека материјалите претрпеле некоја модификација, меѓутоа толкување, односно појаснување за тоа што сакал да каже сведокот, може да каже само тој. За нас како Обвинителство, автентичноста на материјалите не е спорна, ниту пак тоа го спорат обвинените во судските постапки. Никој досега во судница не кажал дека материјалите се сечени, лепени, монтирани“,

вели Фетаи.

Таа посочува дека „бомбите“ на Специјалното јавно обвинителство не се изолирани докази во предметите, туку тие се поткрепени и со други материјални и вербални докази.

Екс разузнавачот Верушевски во сведочењето за „Таргет-Тврдина“ рече дека „бомбите“ се компромитирани и не завршиле кај него, туку директно во СДСМ , што е спротивно на сведочењето на свиркачот Ѓорѓи Лазаревски, кој кажа дека прислушкуваните разговори ги предавале токму на него. Свиркачот Лазаревски не сака да го коментира исказот на Верушевски.

Дел од правната фела реагира дека ако бомбите не се модифицирани, тогаш Верушевски треба да одговара за давање лажен исказ.

„Основно правило е дека ако еден човек во претходна постапка дава еден исказ, а на главен претрес дава друг, секогаш се поведува кривична постапка за давање лажен исказ, заради тоа што имате два различни и тука би требало Јавното обвинителство да покрене постапка. Исто, да ги викне и да ги соочи Ѕвонко и Ѓорѓи со Верушевски, затоа што сега се поjавуваат огромни разлики во нивните искази, затоа што ние како општество тие луѓе ги подигнавме на пиедесталот на прaвдата, а сега одеднаш излегува дека практично еве, Верушевски молчел декa бомбите и разговорите се сечени, преправани, што секако мора да има судска разрешница и вистината мора да излезе на виделина“,

рече адвокатот Александар Тортевски за Алсат М.

Сведочењето на Верушевски стана предмет и на партиски препукувања. Од СДСМ го демантираат својот сопартиец, а ВМРО ДПМНЕ пак го брани Верушевски. Екс премиерот, а сега азилант Никола Груевски на „Фејсбук“ прокоментира дека неговото владеење е срушено со монтирани снимки.

Случајот „Таргет – Тврдина“ е крунски предмет на Специјалното јавно обвинителство. Според обвинението, УБК  од 2008 до 2015 година, прислушувала над 20 илјади граѓани, без судски налог.