Владата ветува решенија по протестот на Независниот полициски

0
115

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, се сретнаа со претставници на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција, со претседателот Гоце Делчев Тодев, со генералниот секретар на овој синдикат и претседателите на синдикалните организации.

По средбата, од Владата соопштија дека е договорено соработката да продолжи на министерско ниво и низ разговори и разбирање, согласно Законот за работни односи и согласно постоечкиот колективен договор да бидат изнајдени соодветни решенија за посочените теми.

„Гранковиот независен синдикат ја поздрави отвореноста на Владата за разговор. На состанокот се разгледани барањата на Гранковиот независен синдикат на полицијата, на шумската, затворската и судската полиција околу разгледување на репрезентативноста на Независниот синдикат на полицијата, нивелирање на платите и овластувањата на сите полицајци во државава, за покачување на вредносниот бод за сите шумски полицајци и исплата на средствата за прекувремени работни часови, како и барањето за зголемување на платите во полицијата, шумската, затворската и судската полиција“, соопштија од владината прес-служба.

Членовите на Независниот полициски синдкат денеска неколку часа со автомобили ги блокираа раскрсниците во центарот на Скопје во знак на револт. Тие побараа покачување на платите и колективен договор за сите вработени.