ВМРО не открива со кои партнери на СДСМ преговарал Мицкоски, а Заев нема такви информации

0
52

Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат кои се коалициските партнери на СДСМ со кои лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски, како што синоќа изјави тој, водел преговори за соработка. Лидерот на социјалдемократите Зоран Заев, пак, вели дека нема такви информации.

-Немам такви информации, но секоја партија е независна во својата определба – рече предмалку Заев, кој веднаш по договорот за предвремени парламентарни избори постигнат на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во неделата, оддржа состанок со сите предизборни коалициски партнери.

И вмровскиот лидер Мицкоски синоќа ги собра коалициските партнери и ја преименува коалицијата од „Коалицијата за подобра Македонија“ во „Коалиција за обнова на Македонија“, при што рече:

„Со некои (политички партии) од тие што преговараме се видов синоќа, а тие седеа до Зоран Заев…“ Притоа, тој додаде дека преговараат и со албански политички партии, меѓутоа од неговата партија не откриваат за кои партии станува збор.

Инаку, Мицкоски, придружуван од генералниот секретар Игор Јанушев, неодамна јавно се сретна со лидерот на БЕСА Биљал Касами и секретарот Аријанит Хоџа, додека во меѓувреме партијата оформи коалиција на локално ниво во Гостивар со Алијансата на Албанците на Зијадин Села и Арбен Таравари.