ДИЧЕВ: ВЛАДАТА ВО СОФИЈА МАНИПУЛИРА СО МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ ЗА ПОЛИТИЧКИ ПОЕНИ

0
172

Декларацијата на бугарската Влада со која се бара Македонија меѓудругото да се откаже од македонскиот јазик во рамките на ЕУ, како и тоа да ги отстрани сите написи во кои стои дека Бугарија била на страната на фашистите во Втората светска војна, за Иваjло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија е смешна.

Дичев за ТВ24 вели дека Бугарија не е толку моќна држава во Eвропската унија и не може да одигра улога на некаков многу силен партнер кој ќе поставува свои услови за евроинтеграциите на Македонија. Според Дичев Владата во Софија манипулира со македонското прашање за политички поени во пресрет на локалните избори во бугарија.

– „Во моментов имаме локлани избори и нашите крајно десни националисти се чудат што да измислат бидејќи се беспомошни и ништо суштествено не направија во својот мандат и затоа ќе измислуваат подобни теми. Сметам дека целата таа работа е предизборна и се надевам дека во октомври ќе се разреши. Нашиот премиер Борисов е многу податлив на влијание од големите европски сили, така што мислам дека кога ќе го притиснат од ЕУ дека целата таа работа ќе се надмине. За жал нашата јавност тука многу лесно се фаќа за вакви теми – чив бил Гоце Делчев и слично, наместо да гледаме напред – на тоа дека ни претстои најпосле отворање на границите, железницата, размена на трговијата, ние се занимаваме со глупости.“ – Ивајло Дичев – Професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија.

Според Дичев тезата за еден народ во две држави многу тешко ќе помине во Европската Унија и е далеку од европскиот концепт.

– „Нашите луѓе тука очекуваат со луѓето на Северна Македонија да ја применат тезата, како што ја нарекуваат еден народ – две држави. Вашата држава сега е составена од Македонци, Албанци, Турци. Ние сме тука балкански микс. Можеме да кажеме дека сите сме балкански народи, но таа етничарска теза мислам дека особено во европски контекст многу тешко ќе помине. Многу тешко нашите ќе отидат во Европскиот Совет и ќе кажат аргумент дека ние сме еден етнус, тоа е многу заостанато така што мислам дека едноставно е смешно. Eвропа нема етности. Eвропа има национални држави кои се составени од различни етнички групи, култури и елити.“ – Ивајло Дичев – Професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија.

За бугарскиот професроор смешно е и барањето на Бугарија, Македонија да се откаже од македонскиот јазик.

– „Замислете сега утре Германците да им кажат на Данците да стават ѕвездичка и да кажат вашиот јазик е произведен од нашиот. Тоа е смешно. Толку е смешно што не можам и да си преставам како може тоа официјално да се изнесе. Се надевам дека ќе поминат изборите тука и ќе се измислат други теми за дискусија и за политиканство“ – Ивајло Дичев – Професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија.

Професорот Дичев е еден од групата на бугарски интелектуалци кои започнаа петиција против декларацијата на бугарската влада во однос на ЕУ интеграциите на Македонија, а во која се наведуваат серија услови и закани за блокада.

Опозиционерот Христијан Мицкоски пак денеска обвини дека Владата на Заев дозволува државата да биде подложна на уцени и закани од соседите, а дека Премиерот излажал кога рекол дека со потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија сите пречки за евроинтеграциите на земјава се надминуваат.

Заев пак вчера изјави дека идентитетот не е прашање за кое се преговара во 21виот век и дека очекува поддршка од Бугарија за добивањето датум за почеток на преговорите на Макеоднија со ЕУ.