Нередовно гласаме за нова влада на секои три години

0
31

„Аман од избори“! Ова е првиот коментар на обичниот граѓанин изминативе неколку години, што пак е реален крик на фактот дека веќе 12 години, на речиси секои три, се гласа предвреме.

Од 1990 до 2006 година, челниците ги започнувале и ги завршувале своите мандати како што е предвидено според Уставот, односно четири години. Но од 2008 година започнува нова практика кај политичарите, речиси секогаш по настаната политичка криза, а најчесто кога имаат потреба од зацврстување на својата позиција.

И следните парламентарни избори, закажани за 12 април 2020 година ги задоволуваат овие критериуми.

Петти предвремени избори

Во услови кога актуелната власт по преземањето на мандатот, во преден план ја стави надворешната политика, најпрво преку Договорот за добрососедство со Бугарија а потоа и со Преспанскиот договор со Грција, нормализирајќи ги влошените односи со соседите од претходната политика на Груевски, недобивањето на датумот силно удри по политичката чест на Зоран Заев.

Разочаран од европските партнери, на 3 јануари 2020 година, актуелниот премиер Зоран Заев ќе се повлече од функцијата, а ќе отстапи место за министри и заменици во власта од ВМРО-ДПМНЕ.

Партиските математики на СДСМ се дека по изборите закажани на 12 април, неговата позиција на власт ќе биде дополнително зацврстена за да продолжи по зацртаната агенда, додека математиките на ВМРО-ДПМНЕ се дека ќе го испратат во историјата за нив најлошиот премиер досега.

Но токму леснотијата со која партиите ги решаваат политичките кризи преку одржување на избори, доведува до зголемена апатија кај граѓаните.

Марко Трошановски – Претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“
Марко Трошановски од Инстиутот за демократија, очекува слаб одзив на изборите на 12.април, додека причините за овој како што вели „фељтон“ од предвремени избори се партиските интереси.

„Овој фељтон од предвремени избори е од најголем интерес на поголемите политички партии. Стратешките прашања за државата се во втор план а преовладуваат тесно-партиските интереси. И ова доведува до апатија кај граѓаните, покажуваат мерењата на јавното мнение. Ако се земе предвид самитот во Брисел и нецелосната поддршка, партиите немаат заменски план да понудат“, вели тој, напоменувајќи дека очекува националистичка и етнонационалистичка кампања пред се кај опозициските партии.

Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна поддршка пак, Александар Кржаловски не е изненаден од „тајмингот“ на изборите, со оглед на одлуката на европските челници на неодамнешниот Самит во Брисел и вели власта е подложна да го испита својот легитимитет.

„Избори секако ќе имаше во 2020 година (најдоцна во декември, а веројатно во октомври), а и опозицијата повикуваше на предвремени избори, па со ваква одлука на ЕУ ќе ги блокираше сите понатамошни реформи кои зависат и од нив (пр. законот за СЈО, пописот, итн.). Во таа смисла, добро е што Владата се реши за проверка на легитимитетот, па дури и добро што сакаше да го направи тоа побрзо (декември), додека вака со избори во април, малку се девалвира тоа и непотребно долго се одложува прашањето (бидејќи секако нема да има фокус на реформите, ниту би можеле да се очекуваат позначајни решенија од потребните реформи кои подолго време се во застој)“, вели тој.

Александар Кржаловски – Извршен директор на МЦМС
Но потенцира дека сите партии недвосмислено ја повторија посветеноста кон евроинтеграциите, па се поставува прашањето: чуму избори тогаш? И што ќе биде изборната понуда, ако сите се залагаат за истото, дури и по „корпата“ од ЕУ?

Следните избори се можеби нова шанса и за некоја нова, трета опција, која ако се следат коментарите на јавноста, е неопходна за рушење на монополот на неколкуте големи партии од македонскиот и албанскиот блок. Но, вака како што се поставен изборниот модел, би требало да се случи чудо за раководството на државата да го преземат личности кои не се од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.

„Со оглед на високото ниво на разочараност и недоверба кај граѓаните за сите нив, се отвара простор за нови идеи, движења, партии. Веројатно како никогаш до сега нема повеќе простор за некоја нова политичка понуда… и партија. Како во случајот на Макрон во Франција. Но, лично не верувам дека во периодот до изборите ќе има доволно време да се оформи и профилира таква нова опција, особено ако е со нови лица, непознати досега во јавноста (за да има шанси да настапи без „багаж“ и со тоа да ги придобие сите разочарани гласачи)“, дополнува Кржаловски.

Полесно е да се договорат избори од реформи

Во меѓувреме, додека се договори техничката влада, ИРЛ пишуваше дека во рамките на Собранието, парламентарниот состав токму од овие партии не можат да се договорат за клучни реформски прашања или пак функционалност кога се во прашање одредени институции.

Државниот завод за ревизија нема ниту директор ниту заменик-директор, Дирекцијата за заштита на личните податоци исто така, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер не функционира повеќе од една година, МРТ и понатаму функцинира „по старо“ бидејќи не е именуван нов Програмски совет, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација нема членови.

Меѓу нив запнат е и новиот закон за јавно обвинителство кој пак во пракса, ги врати обвинителите на СЈО во матичните обвинителства, а неизвесна е иднината на предистрагите и истрагите водени од СЈО.

Постоечките предмети се во рацете на актуелниот прв обвинител, Љумобир Јовески.

Директорот на Државниот завод за статистика пак, Апостол Симовски, денеска информираше дека поради изборите, ќе мора да се одложи и планираниот попис на населението, што пак повторно ги отвора дилемите за фантомски гласачи во услови кога Избирачкиот список е под постојана критика за својата коректност од страна на домашните меѓународните организации.

Повеќе предвремените, отколку редовни избори

На парламентарни избори одржани на 5.јули 2006 година, власта ја презема партијата ВМРО-ДПМНЕ тогаш во улога на опозициска партија. Мандатар беше Никола Груевски кој формираше влада со ДПА и НСДП. Ја доби и поддршката од партиите ДОМ, ПЕИ и ВМРО-НП.

Ако некаква најблиска паралела може да се направи со актуелната предизборна ситуација, првите предвремени парламентарни избори во 2008 година се случија веднаш по неуспешниот самит на Македонија во Букурешт, а по што Никола Груевски ја засили својата позиција во Парламентот со 63 одлучувачки позиции.

Тогаш блокадата на влезот во НАТО Алијансата, сега недобивањето на датумот за старт на преговорите со Европската Унија произведоа избори.

По речиси 12 години од грчката блокада, името повеќе не е проблем за јужниот сосед, така што по Преспанскиот договор, во јануари 2020 година на земјава и претстои официјализирано членство во НАТО.

Предвремените избори во 2011 година, втори во низа, се случија по тензичен политички амбиент кога oпозицијата предводена од Бранко Црвенковски го напушти Парламентот. Една од главните причини беше замрзнувањето на банкарските сметки на најпопуларната и најгледана телевизија „А1“ и трите дневни весници „Време“, „Коха“ и „Шпиц“, сите во сопственост на бизнисменот Велија Рамковски.

Иако почувствува мал пад во поддршката, Никола Груевски освои нов мандат како премиер, а две години подоцна Црвенковски се повлече од политичката сцена.

Изборот пак, на Ѓорѓе Иванов за втор мандат од страна на ВМРО-ДПМНЕ како кандидат на претседателските избори во 2014 година ги скара со коалициониот партнер ДУИ. Но кога во прашање е поделбата на колачот во власта, партијата на Ахмети повторно влезе во владина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, која на предвремените парламентарни избори во април 2014 година потврди уште еден мандат со Никола Груевски на чело.

Најголемата политичка криза Македонија ја почувствува една година по последниот мандат на Груевски, откако започна проектот на СДСМ и Зоран Заев наречен „Вистината за Македонија“. Иако се посилни беа шпекулациите за начинот на кој Груевски го спроведувал своето владеење, преку објавувањето на т.н „бомби“, јавноста за прв пат ги слушаше гласовите на највисоките челници во власта со силни индиции за криминална контрола на државните институции.

Во 2015 година исто така се роди нов модел за начинот на кој ќе се подготвуваат изборите. Техничката влада комбинирана со луѓе од власта и опозицијата ќе стапува на сила 100 дена пред изборите. Така 100 дена пред одржувањето на четвртите предвремени парламентарни избори во 2016 година, на 18.јануари, тогашниот премиер Никола Груевски поднесе оставка, по речиси десет години на функцијата, а на негово место дојде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, кој беше технички премиер за спроведување на изборите.

Иако минимално, Груевски повторно освои најголема поддршка од гласачите, со два пратенички мандата повеќе од СДСМ и Заев, но откако во предвидениот рок не успеа да состави влада, во услови на бурна политичката криза и насилство во Собранието, на 31 мај, Зоран Заев станува првото име по ранг на Илинденска ББ.

Овие избори беа поволни за постизборната коалиција на СДСМ и ДУИ, кои заедно со БЕСА и Алијансата на Албанците ја формираат власта.

И следните парламентарни избори, закажани за 12 април 2020 година се предвремени избори.