Поради изборите на пролет, нема да се одржи пописот на населението

0
122

Одредувањето на датумот на предвремените избори ќе го одложи пописот предвиден за април следната година. Од Државниот завод за статистика велат дека е невозможно процесот да се одвива истовремено со парламентарните избори. Директорот Апостол Симовски вели дека пред изборите на 12 април нема техничка шанса да се организира пописот. Тој додава дека во најдобар случај, овој процес ќе се одржи во ноември 2020 година, но само ако новиот Закон за попис се усвои во Собранието пред Нова Година.

Според директорот Симовски, ако пречките за овој закон меѓу власта и опозицијата не се надминат дури и по 3 јануари, односно за време на техничката влада, тогаш на Заводот за статистика ќе му треба време да го подготви пописниот процес дури за пролета 2021 година. Додека овој нацрт е во собраниска процедура, ВМРО-ДПМНЕ поднесе 23 барања за интервенција во новиот закон, кои според директорот на Статистика, се неприфатливи и ќе доведат до неуспех на новиот попис.

Синоќа ова прашање не било тема на дискусија на лидерската средба на Водно. Но, премиерот Заев рече дека пописот треба да се спроведе во 2020-ттата. Лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски пак, информираше дека тие не отстапуваат од своите ставови, барајќи пописот да се одржи според стандардите на Евростат во 2021 година. За Али Ахмети, пописот е само техничко прашање, но лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, апелираше пописот да не се одложува затоа што според него тоа не треба да го прават партиски милитанти, туку стручни кадри.