Потврдени неправилности при вработување во АНБ

0
212

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски потврди дел од сомневањата дека не се испочитувани сите законски процедури при изборот на вработените во новата разузнавачка институција. Димовски потврди дека поради физички пречки, вработените не поминале тест на полиграф, ниту тест за интегритет како што налага законот. Според него, полиграфот одземал време, а во земјава нема институција во која се прави тест за интегритет. Обвинувањата за кршење на процедурите дојдоа од членот на комисијата за избор на вработени, пратеникот Трајче Димков, кој вчера токму од овие причини се повлече од функцијата. Директорот Димовски вели дека пратеникот Димков потпишал дека се согласува со сисокот на селектираните.

Димовски исто така признава дека спротивно на критериумите на огласот, во АНБ биле вработени лица со тесни семејни врски. Сепак, според него, комисијата одлучила тие вработени да не се распределуваат во исти сектори во агенцијата. Директорот ги негира само наводите дека биле вработени луѓе со двојно државјанство. Според него, поранешните вработени со искуство за кои агенцијата има потреба, ќе треба да се откажат од второто државјанство и да се пријават на следните огласи на кои ќе имаат предност за вработување. Тој додаде дека никој од избраните не е дел од некоја истражна постапка.

Пратеникот на ВМРО, Трајче Димков, процесот за селекција на вработените во АНБ го оцени како субјективен.

АНБ е наследничка на УБК, но е самостоен орган кој излезе од „чадорот“ на МВР. Во неа преминаа повеќе од половина од вработените во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање.