Се тресеше ДУИ, отпаднаа Беќир Асани и 100 анонимуси

0
97

Предконгресното прочистување во ДУИ покажало дека 1 отсто интегративци не го поминале ветингот и не можеле да го обноват членството во партијата на Али Ахмети, брифираат за Плусинфо од ДУИ. Ако ова се преведе во бројки, од околу 12.000 членови стотина не го поминале партискиот филтер. Но, впечатливо е дека освен експретседателот на чаирскиот огранок Беќир Асани, нема звучно име или крупна политичка фигура која поради ветингот била отстранета од партијата.

Ова, пак, но и вчерашната оставка на заменик министерот за здравство Асим Муса, поради мито, а кој претходно го поминал партиското прочистување, остава впечаток дека ветингот кој ДУИ бомбастично го најави и го спроведе, е про форма. Или како што вели висок партиски функционер ветингот во ДУИ е како познатата изрека на бугарски полицаец од времето на претседателствувањето на Тодор Живков, „Тази дупка не е дупка“.

Според изворите во ДУИ, ветингот не ги опфатил актуелните и поранешните функционери кои се осомничени или обвинети, бидејќи во партијата се договориле да ја почитуваат презумпцијата на невиност. Прочистувањето ги зафатило пониските ешалони. Меѓу критериумите за членство во ДУИ битно било дали лицето можело да го докаже потеклото на парите и имотот, но и како се однесувало во јавноста.

Така „настрадал“ само контроверзниот Беќир Асани, кој беше претседател на чаирскиот огранок на ДУИ од основањето на партијата во 2002 година. Изминативе години Асани се споменуваше во бројни инциденти како нападот врз новинарот Лирим Дулови во 2008 година, демолирањето на споменикот на цар Душан во 2013 година, нападот врз Тодор Петров во 2016 година и нападот врз полицајката во 2018 година, кога според МВР, таа раскажала дека не Асани, туку самата се удрила во „пајакот“.

Според извори во ДУИ, ни Асани не бил опфатен со ветингот, туку самиот предложил да не добие партиска функција за да не ѝ наштети на партијата. По конгресот на ДУИ се очекува тој повеќе да не биде ни во највисоките партиски тела.

Но затоа ветингот не ги чепна обвинетите во „Титаник 3“ Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ и Исмет Гури, како и осомничените лидерот Али Ахмети за случајот на СЈО „Попис“ и вицепремиерот Бујар Османи во случајот „Пациент“.

Пратеникот Артан Груби, пак, по оставката на заменик министерот за здравство Муса изјави дека ДУИ не е како другите партии и дека сите што се огрешиле понесуваат одговорност.

– Во ДУИ денеска докажавме дека не за 50 евра, туку и за 5 евра, а камоли за Луј Витон чанта, ќе се понесе одговорност. Во ДУИ ние не сме како другите – изјави вчера Груби./plusinfo.mk