Со електричен трамвај против загадувањето – ветување на секоја Влада

Владата има предвидено повеќе од 15 милиони евра за борба против загадениот воздух, а покрај тоа секое министерство има одвоено средства за заштита на животната средина. Гасификацијата е исто така во голем дел реализирана, а се предвидува и низ Скопје да се воведе и електричен трамвај. Ова се мерките против енормното загадување кои ги изнесе премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања, одговарајќи му на пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.

„Гасификацијата денеска се реализира еве во моментов можам да кажам со повеќе од 83 проценти во реализацијата на предвидените планови. Се работат двата главни коридора, коридорот Неготино- Кавадарци-Прилеп – Битола и другиот коридор покрај Скопје, Тетово – Гостивар. Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со градот Скопје и да влезе во проект кој што дефинитивно ќе го овозможи електричниот трамвај во Скопје со проектирана вредност од околу 100 милиони евра“, рече Заев.

„Народот и граѓаните од вас бараа и мислеа дека имате одговор, односно решение на проблемот со загадениот воздух. Вие и вашето шетање по улиците на градот Скопје со маски против загадувањето асоцираше на тоа и на таа тема вие освоивте значителен број гласови“, рече Данев.

Антонио Милошоски праша зошто власта брза да ги постави новите амбасадори Теута Арифи во Соединетите Американски Држави, Дане Талески во НАТО, Мишо Докмановиќ во Израел и Сашко Насев во Бугарија. Ќе се доведеме во непријатна положба политички личности да бидат испратени во важни дипломатски центри, а потоа да бидат отповикувани по промената на власта, рече тој.

„Не испраќајте политички амбасадори кои што уживаат доверба само од една политичка партија или од една коалиција за да не биде за луѓето незгодно во јуни, во јули или во август следната година да се враќаат назад во Република Македонија“, рече Милошоски.

Премиерот Заев потврди дека за двајца се дискутирало но други двајца воопшто не станало збор. Но додаде дека државата мора да ги оформи овие амбасадорски места, рече Заев.

„Овие четири имиња што ги спомнавте, двете воопшто не се дискутирале. Да за две се дискутирало, но можеби претседателот нема да даде пас,можеби министерството на крајот ќе заклучи дека некои од тие двете други не треба да оди или било што. Јас навистина не би сакал прерано да давам свои ставови но сакам државата да ги има оформено амбасадорските места како што, ќе го спомнам на пример НАТО.“, вели Заев.

До премиерот Заев беше поставено и прашање за зголемувањето на платите во образованието, за што тој рече дека за утре е закажана средба со СОНК заедно со министерот Арбр Адеми.

Извор: ТВ21