Југоистокот ќе бира модел за изградба на регионална депонија

0
131

По повеќе од пет години во Југоисточниот плански регион повторно се покренува инцијатива за изградба на регионална депонија, откако претходната пропадна најмногу поради неусогласеноста околу цената која домаќинствата требаше да ја плаќаaт за собирање на сметот.

Советот на градоначалници при Центарот за развој на југоисточниот плански регион заедно со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Министерството за финансии, претставници од Европската банка за обнова и развој и експертска група ја почнаа постапката за менаџирање на ваков вид на депонии. Според Каја Шукова од МЖСПП, проектот се однесува на четири региони-Југоисточниот, Пелагонискиот, Југозападниот и Вардарскиот регион.

– Се прави првичен скрининг на условите во регионите и се разговара со подготвеноста на сите општини во регионите за воспоставување на современ концепт за управување со отпад. Југоисточниот регион се издвојува, бидејќи желбата на регионот е видлива во подолг временски период и денес тоа го потврдивме на првиот состанок. Има согласност од сите општини што е многу битно и имаат желба и идеа да се реши управувањето со отпадот во овој регион – рече Шукова.

Проект ќе трае четири месеци, а е ангажирана данската компанија „Кови“ од страна на ЕБОР.

– Проектот започна на иницијатива на македонската Влада која што и пристапи на банката и и побара помош. Станува збор за пари од грант. Се надеваме дека ќе утврдиме соодветни модели за управување со отпадот во секој од регионите. Не значи дека ќе се утврди еден модел кој ќе биде идентичен за сите четири региони, туку ќе зависи од демографијата на регионите, од количините на отпад кои што се собираат, значи ќе зависи од многу аспекти – посочи Шукова.

Градоначалниците од десетте општини во регионот се едногласни дека конечно треба да се реши проблемот со изградба на регионална депонија.