Ќе се прави нов ГУП, од Водно ќе се избрише Јужната обиколница

0
231

Ќе се прави нов Генерален урбанистички план. Градот Скопје почнува постапка со изработка на новиот ГУП во кој пред се ќе биде избришана досега предвидената Јужна обиколница која требаше да оди по падините на Водно за да ги спои Кисела Вода и Ѓорче Петров. Ова денеска на прес-конференцијата го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој потенцира дека интенцијата на новиот ГУП ќе биде Скопје да биде зелен град.

-Кога ќе почне изработката на новиот ГУП ќе се разгледат и можностите за отстранување на некои недостатоци од досегашните Планови. Пример за тоа е постојната Јужна обиколница, која според мое мислење и мислење на стручната јавност е спротивна на принципите за заштита на животната средина, имајќи предвид дека за нејзиното пробивање потребно е да се уништи добар дел од зеленилото на Водно, најави Шилегов.

Според него, основната идеја за новиот план е Скопје да биде зелен град, со повеќе јавни простори и сообраќај кој ќе овозможи урбана мобилност.

За потсетување, последниот ГУП на Скопје беше донесен во 2012-та година и има важност до 2022-ра година. Со него е предвидена изградба на Јужната обиколница која, всушност, била предвидена и во ГУП-от пред него. Така, според постариот план ова сообраќајница требало да оди по падините на пошумената планина од Кисела Вода до Ѓорче Петров, на повисоко ниво. Со ДУП-от од 2012 година трасата на сообраќајницата е симната за 440 метри подолу, при што е предвидено да поминува покрај дворовите на жителите на населбите Трнодол, Жданец, Нерези, Козле… Истовремено, во тој регион, долж трасата, беше предвиденов цртување на нови градежни маркички и со што драстично би се зголемил бројот на станбените и други објекти на Водно. За да се реализира таа ќе биде потребно сечење на голем број развиени стебла. Граѓаните и еколошки организации во 2015-та година остро се спротивставија кога тогашните власти во општина Карпош сакале да ја вцртат Јужната обиколница во деталните урбанистички планови.

-Оваа сообраќајница, и покрај протестите на екологистите, пред неколку години беше вметната во ГУП на Град Скопје, со небулозно објаснување дека ќе претставувала граница до каде смее да се урбанизира Водно и дека на тој начин, сечејќи ја шумата и уништувајќи ја природата, тие ќе ја заштителе?! Се прашуваме, по којзнае кој пат, зошто по секоја цена Водно мора да падне жртва на алчноста и на бизнис-интересите на поединци и групи, реагираа тогаш од граѓанската иницијатива „Спас за Водно“.