Џафери повторно ги спакува куферите – пет дена ќе биде во Белград

0
185

Во атмосфера на неизвесност што владее на политичката сцена во земјава во очекување на одлуката на Европскиот совет за отворање на преговорите со нашата земја, претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери повторно ги спакува куферите. Тој денеска отпатува за Белград, каде што предводи поголема собраниска делегација на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ). Настанот ќе трае до 17 октомври или до датумот кога почнува Европскиот самит, така што Собранието оваа седмица ќе заседава дури во петок, кога треба да продолжи 114 седница.
Во отсуство на Џафери, оваа недела ќе заседаваат само неколку собраниски комисии. За утре е најавена седница на Националниот совет за евроинтеграции, што го предводи поранешниот шеф на дипломатијата Никола Попоски. На агендата на Советот се очекувањата и перспективите во процесот на пристапување во ЕУ. Во вторник, пак, Комисијата за одбрана ќе расправа за новиот закон за одбрана, кој е системски и треба да се донесе со двотретинско мнозинство. Со тоа, оваа регулатива ќе се прилагоди кон стандардите на НАТО, пред очекуваното полноправно членство на земјава во Алијансата.
Во изминатите две и пол години, откако дојде на чело на парламентот, Џафери, веројатно, постави рекорд во однос на неговите претходници со честите патувања надвор од земјава. Откако почна ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО тој присуствуваше на овој чин во повеќето парламенти на земјите-членки на Алијансата. Во последната седмица од септември, пак, Џафери беше во повеќедневна посета на Казахстан.
Овој пат, во Белград, Џафери ја предводи делегацијата во чиј состав се пратениците Диме Велковски од СДСМ и Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, Агим Шаќири од ДУИ и Јулиана Николова од ЛДП, како и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието.
Како што известија од парламентот, се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.700 претставници од над 140 земји членки на Унијата, како и повеќе од 70 претседатели на парламенти. Главна тема за дискусија е „Зајакнување на меѓународното право: парламентарни улоги и механизми и придонесот за регионална соработка“. Во рамките на 141. Собрание ќе биде одбележана 130-годишнината од формирањето на ИПУ и 70-годишнината од женевските конвенции.