Еден од новите контејнери веќе се пензионираше

0
95

Еден од новите 540 контејнери кои ги набави Град Скопје и ги распореди низ булеварите и улиците веќе е надвор од употреба, објави јавното претпријатие Комунална хигиена.

„До сега, според податоците на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ е спален само еден од новите контејнери на улицата „Рузвелтова“, и тој е надвор од употреба, бидејќи целосно е уништен, додека останатите садови се уште не се оштетени„ гласи одговорот од градското претпријатие.

Новите контејнери имаат капацитет од 3.200 литри и заменуваат над 1.800 од досегашните стари контејнери, односно може да соберат поголем волумен ѓубре и се далеку поголеми од старите.

Со оглед на тоа што станува збор за сосема нов систем, градот набави и четири нови комунални возила за нивно празнење. Наредната година, кога ќе биде изработен и новиот софтвер и ќе профункционира паметниот системот, новите контејнери ќе јавуваат кога се полни, за да дојде камионот да ги испразни. Станарите од секоја зграда ќе имаат соодветни картички за отворање на новите контејнери.

За разлика од старите, новите контејнери имаат амортизиран поклопец и ножен педал со кој можат да се отворат за да се фрли ѓубрето. Целта на овој механизам е да не се шири непријатната миризба од отпадот во контејнерот и да не се загадува околината.