Заев ќе се изјасни: оставка, вонредни или редовни избори?

0
108

За денеска точно напладне најавена е прес-конференција на македонскиот премиер кој досега не го коментираше неуспехот на самитот на ЕУ да се добие почеток на пристапните преговори
Премиерот Зоран Заев во 12 часот ќе го каже својот став за фијаското на самитот на ЕУ во Брисел. Северна Македонија не доби датум за почеток на пристапните преговори поради блокадата на Франција, а во прашање е доведено и натамошното проширување на ЕУ.

Вчера во неколку регионални медиуми проструи веста дека Заев планира да поднесе оставка на функцијата, но тоа сепак нема да се случи.

Заев вчера имал серија телефонски разговори и со водечките европски државници кои го убедувале да продолжи со реформите во земјата и да не се откажува од ЕУ перспективата.

Во таков случај, пред Заев и неговата партија остануваат две опции: свикување предвремени парламентарни избори или туркање на мандатот до крај и проверка на довербата од граѓаните во, речиси, редовниот термин- октомври следната година.
Но, за прашањето за предвремените избори се прашуваат и коалициските партнери ДУИ, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На ДУИ не му одговараат брзи избори, но нејзиниот лидер Али Ахмети би можел да попушти доколку тие се одржат на почетокот на следната година.

Големо прашање е што е прифатливо за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски најави почеток на „финална пресметка“ и вадење на поддржувачите „на улица“, но заканата брзо се распрсна. Дополнително, во вчерашното обраќање до јавноста Мицкоски бараше оставка на владата, но беше резервиран во поглед на одржувањето на новите избори. Тој порача дека прво бара техничка влада која би спровела „план и стратегија за реформи“.

„Народот бара и посакува предвремени избори, исто како и јас. (…) Во тој меѓупериод потребни се реформи, за кој ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи план. Рефорите треба да ги спроведе влада составена од личности составена од силни индивидуи со богато лично портфолио. (…) Ние не сме Зоран Заев и не ми се потребни избори за пуста власт“, порача Мицкоски.

Се очекува партиите да ги отворат картите на утрешната средба кај шефот на државата Стево Пендаровски.