Изборите закажани, партиите ги пребројуваат редовите

0
91

Откако лидерите на парламентарните партии го договорија датумот за одржување на нова рунда предвремени парламентарни избори стартуваше партиско пребројување. Партиските штабови ги отворија вратите за членството и симпатизерите, изборните стратегии веќе се „крчкаат“, се засилуваат теренските активности.

Големите коалиции ги усогласуваат ставовите. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски попладнево ќе се сретне во своите коалициските партнери. Претходно генералниот секретар, Игор Јанушев не сакаше да открива детали дали опозициската коалиција ќе се проширува со нови членови во пресрет на изборите. Најави детали по завршување на состанокот и истакна дека 12 април ќе биде крајот на власта на Заев и СДСМ.

„Можеме и мораме да ставиме крај на криминалот, корупцијата, скандалите, аферите и се останато што е против европските вредности за кои се залагаме. Граѓаните на Република Македонија не го заслужија ова зло што СДСМ им го нанесе. Крајот на Заев и СДСМ има датум, тоа се 3 јануари и 12 април. Граѓаните не се плашат и граѓаните заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе ги отпишат Зоран Заев и СДСМ од политичкиот живот“, истакна Јанушев.

Синоќа и претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги собра на Бихаќка претседателите на партиите во коалиција којашто ја предводи.

Инаку и власта и опозицијата во изборната трка влегуваат со убеденост за победа. Заев тврди дека СДСМ им три отсто предност пред главниот ривал ВМРО ДПМНЕ.

„ Водиме со 3% поени, тоа го објавивме јавно и транспарентно преку кредибилни агенции кои што го направија тоа, секако крајот на октомври почетокот на ноември ќе финансираме уште една анкета, за да измериме како после одлуката како стоиме“, изјави Заев по средбата со коалиционите партнери.

Но, последните јавно објавени анкети го демантираат тврдењето на првиот социјалдемократ.

Во медиумите денеска се објавени резултати од истражување спроведено од Europe Elects според кое ВМРО ДПМНЕ имаа предност над шест отсто во однос на владејачката партија.

Според истражувањето спроведено од ИПИС, а по нарачка на Europe Elects 42,6 отсто од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ, додека 36,3 отсто својот глас би го дале за СДСМ.

Според анализите на познавачите, овие проценти преточени во конкретни бројки значат дека разликата во гласови меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ на избори би била околу 60 илјади повеќе за опозицијата. Со тоа, ВМРО ДПМНЕ би имале 10 пратеници повеќе од СДСМ во Собранието.