Национална агенција: Смешни и несериозни обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ

0
137

Конференцијата за медиуми на ВМРО-ДПМНЕ беше несериозен обид да се минира успехот на Владата во пресрет на Советот на ЕУ од каде што Република Северна Македонија очекува датум за почеток на претпристапни преговори, се вели во реакцијата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на изјавaта на Стефан Андоновски од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека биле злоупотребени милиони евра од европските фондови од страна на претседателката на НА Лидија Димова која поткупувала невладини организации и луѓе од судството.

За Димова овие обвинувања се смешни и имаат цел да се нанесе штета пред одлуката за добивање на датум за преговори со ЕУ. Таа ги кани ВМРО ДПМНЕ, за кои вели дека имаат развиена фантазија, да присуствуваат на следната обука за програмата Еразмус+ како би им се разјасниле процедурите и правилата.

„Во врска со наводите дека 4 организации кои наводно на сомнителен и нетранспарентен начин добиле грантови од Националната агенција, сакаме да ве информираме дека посочените организации се корисници на програмата Еразмус+ уште од 2013 година, односно од самиот почеток на програмата, кога Лидија Димова не беше директорка на агенцијата.

Во однос на мејл комуникацијата преку која наводно се барале проценти за доделување на проекти, ја повикаме ВМРО-ДПМНЕ да ја достави истата до сите релеватни институции во Република Северна Македонија, вклучувајќи ја и Националната агенција, како би можеле да преземеме соодветни активности согласно нашите правилници за работа.

За нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно Националната агенција доделила 6 милиони денари за себепромоција на Лидија Димова, ве информираме дека Националната агенција има обврска да ја промовира програмата Еразмус+ како и другите мрежи и иницијативи преку одржување на обуки, конференции, работилници и настани од сличен карактер“, пишува во реакцијата на агенцијата и се додава дека се и натаму отворени за сите медиуми доколку истите сакаат да направат сериозно истражување на тема „транспарентно користење на средствата од програмата Еразмус+“.