Заев: Ние сме предводници на концептот 50-50 на застапници на жените во политиката

Ние сме предводници и на концептот 50-50 на застапници на жените во политиката, не како бројка, туку како суштина, како квалитет. И кога, ако не денеска, да кажам дека ме имате на ваша страна. На следните изборни листи СДСМ ќе има 50-50, целосна еднаквост , соопшти лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на денешната трибина на Форумот на жени на СДСМ под мототото „20 години чекориме на патот на еднаквоста“.

Тој истакна дека е потребно целосно спроведување на Истанбулската конвенција, да има повеќе жени на раководни позиции.

– Пред 20 години бевме амбициозни кога баравме квоти за застапеност, но успеавме. Затоа и денес ве повикувам да продолжиме да бидеме амбицизони, дека имаме цел која се уште не е остварена ама е достижна. Да продолжиме да бидеме амбициозни, повторно да бидеме први и да ја оствариме 50-50 застапеноста. Да бидеме први повторно, затоа што немаме време за чекање. Затоа што е срамота што нашите млади колешки треба да минат низ истите стереотипи, кал и обвинувања низ кои минувавме и ние пред 10 години, порача заменик-претседателката на СДСМ и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.