Одбраната на Груевски ќе го чини државниот буџет речиси 10 илјади евра

Коалицијата Сите за правично судење направи пресметка на судските трошоци за одбраната на обвинетиот Никола Груевски кои што државата ќе треба да ги исплати поради тоа што настапи застареност на кривичното гонење во предметот „Траекторија“.

Според пресметката на Коалицијата, државата ќе исплати судски трошоци во износ од 589.680 денари за бранителите на обвинетиот во постапката.

Во текот на постапката пред суд биле насрочени 36 рочишта.

Од декември 2017 година до декември 2018 година Груевски имал бранители по сопствен избор, а од декември 2018 година до ноември 2019 година му е назначен бранител по службена должност.

Кривичниот суд месецов донесе решение и ја запре постапката против поранешен премиер, Никола Груевски, за случајот „Траекторија“, кој се однесува на изградба на кинеските автопатишта. Неговиот адвокат Горан Кркински поставен по службена должност, го побарал ова поради апсолутно застарување на делото поради фактот што за разлика од останатите обвинети, Груевски беше обвинет со обвинителен предлог за казна од 1-3 години за примање награда за противзаконито влијание, и притоа се истечени шест години од времето кога е сторено делото според обвинението на СЈО, а немаше правосилна пресуда.