Заев – изборите ќе се одложат ако не се донесат суштинските закони

Денеска во 14:00 часот треба да започне јавната расправа за една изборна единица, отворени листи и рамноправна застапеност на мажи и жени на изборните листи, предлозите од група пратеници за измена на Изборниот законик кои се блокирани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката ДУИ со илјадници амандмани.

Премиерот Зоран Заев најави дека изборите ќе се одложат ако опозицијата ги кочи законите за пензиите, за социјалните трансфери и за зголемување на платите, но владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се против одложување на изборите.

Ако опозицијата ги кочи суштинските закони за пензиите, за социјалните трансфери, за зголемување на платите, за сè што значи живот за граѓаните, тогаш изборите може да се одложат. Ова не го испраќам како закана. Перфидноста на користењето на филибастерингот за изборното законодавство или за пензиите може да значи и пролонгирање на процесите. Не го посакувам тоа. Сум кажал дека изборите не треба да се одложуваат, но одговорност е на сите да не се закочи реализација на она што значи интерес на граѓаните – рече Заев.