Ни Владата ги исполнува очекувањата, ниту опозицијата буди надеж

Анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија објавена вчера донесе препирки меѓу власта и опозицијата, но поважно- ги соочи и едните и другите со незадоволството на граѓаните од сработеното на првите и понудата на вторите. Доколку рејтинзите на партиите и разликата во довербата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е минорна и се сведува на статистичка грешка, тоа не е случај и со огромната недоверба кон нив од страна на анкетираните граѓани.

Секој втор испитаник смета дека владејачката СДСМ не заслужува уште еден мандат, а речиси 59,7 проценти велат дека тоа не го заслужува ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку на овие ставови се додаде и податокот дека речиси половината од анкетираните граѓани немаат доверба во ниту еден политичар во земјава, се доаѓа до заклучок дека комплетниот политички естаблишмент во земјата ја загубил битката за својата веродостојност и углед кај граѓаните, доколку се исклучат нивните партиски бази.

Оттука не треба да изненадува што високи 50 и повеќе проценти од граѓаните се подготвени да гласаат за трета опција, а во ист обем испитаниците велат дека е потребна нова политичка партија во земјата.

На нешто повеќе од четири месеци пред вонредните парламентарни избори, анкетните резултати сепак не предизвикаа поголема загриженост ни кај власта, ниту кај опозицијата. Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница лежерно коментираше дека стравот од враќањето на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати незадоволните во владејачкиот кампус.

„Како што одминува времето, оние што се разочарани од владејачките партии ќе се вратат и ќе гласаат затоа што се ежат кога ќе помислат на враќање на ВМРО-ДПМНЕ”, рече Заев.