Хелсиншки комитет регистрира исплати на К-15 од 1.000, 500 и 100 денари

0
82

Многу често работодавачите исплаќаат незначителни износи на име регрес за годишен одмор, за што говорат и документираните случаи на Хелсиншкиот комитет, во кои работодавачите неретко исплаќаат 1000, 500, па дури и 100 денари регрес за годишен одмор. Околу седум отсто од сите случаи на повреди на работнички права пријавени до Хелсиншкиот комитет за човекови права се однесуваат токму на случаите поврзани со исплаќањето на регресот за годишен одмор.

 

Тоа го наведува Хелсиншкиот комитет за човекови права во правен осврт и мислење по однос на правото на регрес за годишен одмор (К-15) со цел потемелно да ги информира работниците околу остварувањето на ова право.

 

Како што информираат, работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од основицата. Износот на регресот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата. Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата во држвава исплатена во последните три месеци. Во пракса тоа значи дека доколку еден работник, кој најмалку шест месеци во календарската година работел кај ист работодавач, во последните 3 месеци земал плата од 25.220 денари нето, има право на регрес на годишен одмор од најмалку 10.088 денари.