АУТ ЗА “ФЕЈКЕРИТЕ”

0
422

ПОЛУПИСМЕНИТЕ! Најопасната група во општеството. Така мисли Исмаил Кадаре, а јас целосно се согласувам.

Убаво кажале дека неписменоста е клучен фактор за игнорантноста. Филозофот Алфред Вајтхед еднаш рекол дека „игнорирањето не е смрт на знаењето, туку игнорирањето на игнорантноста“. Уште полошо е со полуписмените.

Има нешто што е многу опасно и деструктивно, а пред што замижувавме со години. Скриената неписменост. (Не)способноста на оние коишто ја игнорираа својата неписменост, ја криеја од себеси, а со тоа и од сите други околу нив. Тие се, всушност, оние кои што ја ингорираа својата игнорантност. Тие коишто не знаат што не знаат. Ликовите коишто беа и се љубоморни и суетни кон способните, оние крајно перфидните, кои правеа сѐ додека од себе не ги оддалечат способните. Нивните дејствија, чувства и вредности се поставени на погрешни основи, на нивните погрешни претпоставки, идеи и разбирање на нештата. Поради недостигот на достоинство, беа мошне агресивни во начинот на кој се обидуваа да напредуваат, додека сиромаштијата ги повлече и потисна правичните и способните. И им овозможи токму, ним, полуписмените, да бидат главни ликови на сцена.

Долго траеше „ерата“ на полуписмените. Оние коишто се преправаа дека знаат сѐ, а всушност не знаеја ништо. Собираа парчиња информации, читани недочитани и ги повторуваа, однесувајќи се како светот да им е на дланка. Културните „канони“ во државата, за жал, ги диктираа токму тие. Се наметнуваа над граѓаните, велејќи дека вредностите што тие ги пропагираат се оние вистинските, знаењето што тие го имаат е она правилното, навиките што тие ги создаваа се оние вековните.

Ликови кои што ти наметнуваа чувство дека е доволно да веруваш дека си моќен и полека ќе се ослободиш од чувството дека си немоќен или, поточно, дека не те бива за ништо. Вистински фејкери. Кога би имале мото, тоа би било „Fake it in my own way” (Греши си по мое).

Арно ама, дојде моментот на освестување на народот и соочување со полуписмените. Па, таквите почнаа да се плашат, не толку за шефовите, колку за својата, лична, судбина. Почна револуцијата за враќање на кредибилитетот, знаењето, способноста, вештините, умешноста. Знам дека почна. И силно ја поддржувам и учествувам во неа.

А што им посакувам на оние, полуписмените? Полека, но сигурно да разберат едно, дека глумењето писменост станува многу потешка задача отколку да учат, научат и да се описменат. Па, дури тогаш ќе видиме дали и колку може да се вратат на сцена.

Редно е на оваа сцена да владее способноста, знаењето и лојалноста. Cheers for the time to come!