ДА Ѝ ТРЕСНЕМЕ ВРАТА НА КОРУПЦИЈАТА!

0
67

Др. Арбен ТАРАВАРИ

Транспаренси Интернешнл повторно ни ги отвори очите! Според неодамнешниот извештај, државата ни е на 106-то место во однос на нивото на корупција. Најмалку корумпираните се на врвот, а најкорумпираните се на дното на ранг – листата.

Во 2018 година бевме на 93то место, а една година подоцна, паѓаме за цели 13 места! Колку за споредба, а и за да ни биде јасна сликата за нашата ништожност, Данска е земја што го држи првото место како најмалку корумпирана. А ние се спуштивме дури и под држави како Виетнам или Етиопија.

Според Транспаренси Интернешнл, постои формула која дава многу точен одговор во врска со корупцијата: колку е поголема корупцијата во една држава, толку се послаби демократските институции и политичките права.

Додека некои политичари и навигатори на корупцијата се обидуваат да ги засенат овие факти, зборувајќи ни за интеграции и интегритет, еден моќен меѓународен скенер го извади валканиот веш на виделина!

И што ќе кажат сега?!

Дека и Берлин лаже?! Дека Германија отсекогаш била против ДУИ и користи прилика да организира анти-кампања?!

Од манипулантите кои што добро ги знаеме може да се очекува сѐ, но треба и добро е да се знае: никој повеќе не им верува! Ама баш никој!

Вака силниот удар за Владата во пресрет на изборната кампања е огромна причина таа да си даде оставка.

Не смееме да заборавиме дека изборите се пред врата и токму тука чека казната. Борбата против корупцијата е, всушност, еден од најсилните балкански предизвици, затоа што сиромаштијата, невработеноста и централизацијата на власта во рацете на оние кои станаа најбогати граѓани во регионот, создаваат сурова клима за постоење нормална држава која би функционирала во интерес на поединецот.

По не знам кој пат, да се потсетиме: корупцијата спречува лековите и медицината да стигнат до болните, да се градат училишта, оневозможува да се спречат поплавите на улиците откако ќе заврне силен дожд, ја празни јавната каса!

А, што е најважно, ја урива довербата меѓу граѓаните и државата, она што треба да е од клучно значење на патот кон развојот.

Прашањето е што можеме да сториме?

Ајде, да си почнеме со ред. Да си го вклучиме ние и нашиот скенер, да откриеме каде сѐ фатила корен оваа малициозна и налудничава појава, па да разбереме и каде да ја насочиме битката и енергијата.

Да не дозволиме корупцијата да биде снежната топка која движејќи се по својата траекторија станува сѐ поголема и поголема. И, ајде веќе еднаш, народе мој, да им веруваме на оние што размислуваат за идните генерации, а не само за идните избори!