„Јавна соба“ се затвори, но ќе се открива дали е гнездо на малолетничка проституција

0
80

Групата „Јавна соба“ на мобилната апликација Телеграм е затворена по барање на МВР, дознава „Слободен печат“ од високи извори во министерството. Како што дознаваме од извори во истрагата, иако главниот акцент е ставен врз тоа да се поведат постапки за злоупотреба на лични податоци и за производство и дистрибуција на детска порнографија, сепак, истрагата ќе добие и нов тек.

Имено, полицијата моментално истражува и дали „Јавна соба“ е гнездо за контакти и ланец за подведување, проституција, вклучително и малолетничка.

– Во МВР истрагата не е затворена, туку утврдуваме која е целта на формирањето на групата. Дали е тоа само споделување на експлицитни фотографии, или можеби станува збор да се направи ланец со проституција, вклучително и малолетничка – ни изјави заменичката на министерот за внатрешни работи, Славјанка Петровска.