Карантин за 42 средношколци од Пула кои биле на екскурзија во Италија

Средношколци од Пула, кои во саботата биле во Венеција, се вратиле дома, каде од службите за епидемиологија на Хрватскиот институт за јавно здравје добиле совет да останат во домашна изолација и да не одат на училиште.

Децата и професорите две недели биле на екскурзија, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Директорот на гимназијата, Филип Зоричиќ, потврди дека станува збор за 42 ученици и четворица професори кои биле на екскурзија и кои, според упатствата на институтот, мора да останат дома.

Во текот на ноќта, средношколци од Омиш и Сплит, кои изминативе денови биле на екскурзија во Италија, се вратиле во своите домови, откако во неделата подолго време биле задржани на граница, каде биле прегледани, при што било утврдено дека никој нема симптоми. Кратко потоа им било дозволено да го продолжат патувањето кон Далмација.

Професорите и студентите се предупредени од здравствените власти веднаш да се пријават кај епидемиолог доколку забележат одредени симптоми.