Наместо овошни кашички, извезуваме свежи праски

0
78

Во земјоделско-прехранбениот сектор има барем 20-30 производи од конзервната, пекарската индустрија, како и во делот на преработка на овошје, мед и тн. кои имаат потенцијал да го зголемат извозот на овој сектор и на македонската економија во целина, истакна денес д-р Дарко Лазаров. Како пример, тој нагласи дека наместо кашички за деца од праски, крушки или јаболка, нашата земја се уште извезува само свежо овошје. Лазаров, во Стопанската комора на Македонија презентираше анализа за потенцијалите на овој сектор при што нагласи дека е неминовно окрупнување или здружување на компаниите, заеднички настап на странските пазари и поттикнување на извозните активности.

„Извозот на овој сектор годишно изнесува околу 540,7 милиони евра, а релативното учество во вкупниот извоз на ниво на државата е 9,2 отсто“, рече Лазаров, додавајќи дека оваа индустриска гранка има 323 извозно ориентирани компании и 122 производи кои се извезуваат со вредност поголема од 200.000 евра, од кои 89 производи имаат компаративна предност.

Тој нагласи дека земјоделско-прехранбениот сектор претставува еден од столбовите на домашната економија и има потенцијал за диверзификација на извозот преку зголемување на бројот на нови извозни производи и извозни компании.