Лидерска средба – Ќе бидат ли одложени изборите?

Лидерите на политичките партии денеска на средба на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски ќе разговаараат за мерките против ширењето на коронавирусот. Главното прашање кое треба да биде одговорено е дали партиите ќе ги усогласат ставовите и ќе се одложат изборите за 12 април поради прогласената пандемија?

Координација на претставници на политичките партии закажа за денеска премиерот Оливер Спасовски во врска со реализацијата на владините мерки за справување со коронавирусот. Средбата ја потврдиле лидерите на партиите и по уште еден претставник на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Владата пред некој ден донесе нови мерки за справување со ширењето на инфекцијата. Образовните установи нема да работат 14 дена. Истовремено, се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено со над 1000 луѓе. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери е скептичен дека партиите ќе постигнат согласност за соочување со вирусот, бидејќи тие и овој момент ќе го се обидат да го користат во своја полза.

„Впрочем деновиве имаше и такви обиди со барања за оставки и за затварање, дури и на министри. Мислам дека тоа ќе биде само една средба на која ќе се изнесат различни позиции околу мерките, активностите и спремноста на нашиот здравствен систем. Но, не некоја сериозна усогласеност на ставовите и заеднички напори во справувањето со оваа криза“, вели Зибери.