Димитров vs Силјановска, силна рефлексија на судирот на двата изборни концепта

0
94

Универзитетската професорка и поранешен кандидат за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова и оперскиот пејач Игор Дурловски се двете натпартиски решенија кои ќе бидат носители на пратенички листи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на претстојните предвремени парламентарни избори.

Силјановска, која цврсто застана против Законот за употребата на јазиците и Преспанскиот договор кој за неа „покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да ѝ се мешаат дрско во внатрешните прашања“, на спротивната страна ќе го има шефот на дипломатијата Никола Димитров кој, исто така, е натпартиски член, потписник на Договорот од Преспа.

Тој е на чело на Министерството за надворешни работи од формирањето на владата на Зоран Заев од 1 јуни 2017 година и во изминатите две и пол години како министер се фокусираше на деблокада на евроатлантските интеграции на земјава. Нивниот „натпартиски дуел“ во „единицата“, практично, ги исцртува кординатите на судирот на двата концепта, како своевидна срцевина на претстојните парламентарни избори. Двајцата веќе имаа отворена меѓусебна конфронтација во времето на претседателската кампања, кога Димитров, меѓудругото, забележа дека „за да се разбере нејзиниот предизборен слоган „Правда за Македонија“ треба „да се употреби нивниот специјален речник“.