Обвинение за убиството на Јанушев

0
94

За убиството на Мартин Јанушев, скопското обвинителство покрена обвинителен акт против 28-годишниот Филип Секуловски. Убиството беше извршено во ноември 2017-та, а Секуловски 11 месеци беше во бегство по што сам се пријави на капијата на затворот во Шутка.

Обвинителството го товари дека за време на викенд отсуство од скопскиот затвор каде издржувал 20-месечна казна, Секуловски со умисла попладнето на 3-ти ноември 2017-та стигнал пред зградата во скопски Аеродром каде што живеел Јанушев. Откако обвинетиот се сретнал со жртвата пред влезот на зградата, испукал кон него повеќе куршуми со пиштол марка црвена застава и на Јанушев му нанел 5 прострелни рани од кои починал. Веднаш по убиството, Секуловски избега и не беше достапен за полицијата.

Истрагата е отворена кога тој сам се пријави во полиција. Обвинителството соопшти дека обезбедило голем број материјални и вербални докази, релевантни вештачења и анализи, а биле испитани и над 40 сведоци. Обвинителството не соопшти кој е мотивот за убиство ниту дали има и други инволвирани лица иако постојат сомнежи за пресметка во скопското подземје поврзано со продажба на дрога и обезбедување на угостителски објекти.