Од утре започнува Велигденскиот пост

0
89

Постот значи не само откажување од мрсна и обилна храна туку и контрола на страстите, откажување од пијанства, веселби и радости. Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана се повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната од животинско потекло.

Најстрог и најдолг е Велигденскиот (или Великиот пост, како што го вика народот) кој трае од Прочка до Велигден. Тука се 40 дена (четириесетница), од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена.

Велигденскиот пост е единствениот што има подготвителен период од неколку недели. Најпрвин тоа е Неделата на митарот и фарисејот, потоа Неделата на блудниот син и најпосле Месопусната недела кога за последен пат е дозволено да се јаде месо.

Вистинскиот пост започнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред Прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади зашто тогаш се запокладува, (се запостува) со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и Сирна недела, некои ја викаат и Бела недела. Прочка се вика уште и Сирни поклади поради што од тогаш се пости и од млечни производи, а се вика и Проштени поклади, бидејќи тогаш луѓето меѓу себе си ги простуваат гревовите.