СЗО: Вакцината против Ковид-19 мора да биде достапна за сите на светот

0
34

Светската здравствена организација почна глобална иницијатива за забрзан развој и рамномерна дистрибуција на вакцини, дијагностика и третман против Ковид-19.

По тој повод, доцна попладнево се одржа прва глобална виртуелна конференција.. Модератор и домаќин беше првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом, а свое присуство и обраќање имаа 15-ина светски лидери, како Меркел, Макрон, Лајен, Конте, Санчез, првиот човек на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.

Првиот тест лидерите ќе го имаат на 4-ти мај, кога е планирано да се обезбедат 7 и пол милијарди евра за побрзо и поефикасно доаѓање до вакцина.

„Ова е придобивка од јавното здравје за целото човештво“, рече германската канцеларка Ангела Меркел на виртуелниот форум, истакнувајќи дека треба да се соберат осум милијарди евра.

Макрон изрази надеж дека САД и Кина ќе ги надминат разликите во поддршката на иницијативата. „Не треба да има поделба меѓу земјите“, рече тој.

Урсула фон дер Лејен рече дека официјалната донаторска конференција ќе се одржи на 4 мај, со цел да се соберат 7,5 милијарди евра.

„На светот им се потребни овие алатки и тоа им требаат брзо“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Геберизус.

– Ние се соочуваме со заедничка закана што може да се надмине само со заеднички пристап.

Видео конференцијата на СЗО беше најавена вчеравечер, забележувајќи дека „историска соработка со иницијатива“ ќе биде покрената денеска за да се забрза развојот на безбедни, ефикасни лекови, тестови и вакцини за да се спречи, дијагностицира и третира Ковид-19, респираторно заболување предизвикано од новиот коронавирус.

Портпаролот на американската мисија во Женева пред состанокот изјави за Ројтерс дека САД нема да учествуваат.

„Соединетите држави нема официјално да учествуваат“, соопшти тој преку е-пошта, додавајќи дека ќе го следи развојот на иницијативата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го критикуваше СЗО, велејќи дека бавно реагирала на епидемијата и е во прилог на Кина и затоа одлучи да го прекине финансирањето на агенцијата на ООН.

Повеќе од 2,7 милиони луѓе ширум светот се заразени со новиот коронавирус, а скоро 190.000 починаа откако вирусот се појави кон крајот на минатата година во централниот кинески град Вухан.

Научниците работат на повеќе од 100 потенцијални вакцини, вклучително и шест кои веќе се во фаза на клиничко испитување, рече д-р. Сет Беркли, директор на Алијансата за вакцини на ГАВИ, јавно-приватно партнерство што води кампањи за вакцинирање во сиромашните земји.

„Треба да се осигураме дека има доволно вакцини за секого, ќе ни треба глобално лидерство за да ги идентификуваме и да ги дадеме приоритетите на потенцијалните вакцини“, рече тој на посебниот брифинг во Женева, пред официјално да започне оваа иницијатива, истакнувајќи дека Светската банка е исто така заинтересирана за зајакнување на глобалниот производствен капацитет.

Извор Канал5