СДСМ: И ММФ ги поддржа мерките – ВМРО-ДПМНЕ: Ова е несериозна помош

0
91

СДСМ тврди дека и ММФ ги поддржал владините економски мерки во пандемијата, на што опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека се работи за несериозна помош во однос на последиците од кризата.

„Со цел за поефикасно справување со последиците врз економијата предизвикани од глобалната пандемија од коронавирусот се реализира големиот пакет првични економски мерки вредни 200 милиони евра. Со усвоените мерки што веќе се реализираат, државата спасува 250.000 работни места и помага на над 35.000 компании. Мерките ќе помогнат сите фирми погодени од кризата, поточно секој работник да добие од државата по 14.500 денари, плата за месеците април и мај. Мерките што се спроведуваат се добро оценети од страна на ММФ и затоа поддршката од 176 милиони евра е двојно поголема од првично предвидените“, соопшти СДСМ.

За опозицијата, ова е „т.н. помош“.

„Таканаречената „помош“ која Владата на СДСМ ја дава на стопанството е несериозна во однос на последиците кои што ни следуваат поради кризата со која се соочуваат компаниите како резултат на пандемијата на корона вирусот. Првичните анкети и анализи велат дека секој петти граѓанин на Република Македонија добил привремен отказ, што значи дека во моментов над 100 илјади граѓани се оставени без приход. Граѓаните на свој грб чувствуваат дека мерките на Владата не вродуваат со плод кога се уште немаат земено плата, кога нивниот работодавач им го врачува отказното решение и кога немаат средства за основните животни потреби“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Извор РСЕ