Филипче: Можно е да предложиме и зајакнување на мерките за превенција

0
132

Влегуваме во втората фаза на епидемијата, со оглед на тоа што имаме сè повеќе и повеќе дијагностицирани пациенти, што е констатирано на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, рече министерот за здравство Венко Филипче.

„Утре ќе имаме дополнителна дискусија во рамки на Комисијата за заразни болести, до Владата можно е да предложиме и зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Бројот на заболени во деновите, неделите што се пред нас дополнително ќе расте. Сè уште остануваат прогнозите дека пикот на болеста ќе биде на крајот на април и некаде очекуваме околу 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања”, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче упати апел до граѓаните максимално да ги почитуваат мерките. Физичките контакти да се сведат на минимум и граѓаните да се штитат од секоја ризична комуникација или движење. Еден од главните проблеми е што практично има и асимптоматски носители на вирусот, а ширењето на овој начин од овие носители може да се спречи само со седење дома, односно со изолација.

„Сакам да испратам и порака до моите колеги, здравствени работници. Максимално да се почитуваат протоколите, кои ги имаме од самиот почеток на пандемијата, да се штитат на работните места, но и надвор од работните места. Тоа значи дека треба да се пазат постојано, заради тоа што улогата на здравствените работници – здравјето на здравствените работници е од примарно значење во овој момент во државата. Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравјето на здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размени, така ќе останат здрави тие што се здрави и ќе бориме против вирусот, ќе ги излечиме луѓето кои се во овој момент заболени”, истакна министерот Филипче.

Извор ТвТера