Филипче: Поучени од искуствата на другите земји направивме успешен модел на домашно лекување за лесните случаи со кој го заштитивме здравствениот систем

0
84

Во денешната емисија, „Ковид -19 – Прашања и одговори: Сѐ за коронавирусот”, зборуваа министерот за здравство доц.др Венко Филипче, заменик министерот за здравство др. Арменд Арслани и епидемиолозите од Институтот за јавно здравје др. Владимир Микиќ и др. Жарко Караџовски.

Др. Владимир Микиќ ги презентираше досегашните статистички податоци на Институтот за јавно здравје и истакна дека во однос на Европа, сѐ уште во Република Северна Македонија има ниска стапка на заболување.

„Според инциденца или според број на случаи на 100.000 население во европскиот регион највисока стапка преку 340 регистрирани се во Шпанија, Швајцарија и Италија. Во Република Северна Македонија, досега заклучно со денешниот ден се регистрирани 828 случаи, што претставува стапка на заболување од 40,3 на 100.000 жители. Споредено со регионот и со оние европски држави, каде беше преку 340, сѐ уште во Република Северна Македонија гледаме ниска стапка на заболување”, образложи др. Микиќ.

Во однос на возрасните групи кои најчесто заболуваат, Микиќ посочи дека тоа се лица од 50 до 59 години каде што има највисока специфична инциденца на 100.000 жители, што значи дека сѐ уште успеваме да ги заштитиме возрасните лица каде што очекуваме најтешки форми на ова заболување.

Според статистиката на ИЈЗ, кај 24% од сите регистрирани заболени им било потребно болничко лекување. Најчести коморбидитети се кардиоваскуларните заболувања, респираторните заболувања, додека 42 лица биле со дијабет. Вкупно се регистрирани 34 смртни случаи, асоцирани со коронавирусот, со кои стапката на смртност изнесува 4,1 % што во однос на вкупната стапка којашто изнесува 6,2% во светот и особено во европскиот регион, покажува дека сѐ уште сме далеку стапките во Италија, Шпанија, Франција и други поразвиени европски земји. Од смртните случаи повеќе од 65% се над 60 години и кај три четвртини е регистриран некаков коморбидитет.