Врање е новото жариште на ковид-19 во Србија, затворена фабрика за мебел каде се откриени најмногу заразени

Србија во моментов тестира меѓу два и 10 пати повеќе по глава на жител дневно во споредба со регионот

Повеќе од вообичаениот број на позитивни во Србија е последница на локално жариште во Врање, каде се дури 53 од вкупно 114 новозаразени од коронакирусот. Благодарение на проширеното тестирање и зголемен капацитет за тестирање, жариштето во Врање е идентификувано во рана фаза, и ситуацијата, која се следи континуирано е веќе локализирана и под контрола, соопштија денеска српските власти.

Жариште е фабриката за мебел „Додиќ“ која е привремено затворена, а тестирани се како вработените, така и нивните семејства и луѓето со кои биле во контакт. Заразените се во најголем број асимптоматски заболени, без или со минимални тегоби.

Доколку се исклучи од анализа жариштето во Врање, бројките во Србија и натаму покажуваат континуиран тренд на опаѓање, асе под 1 отсто заразени од вкупно тестираните (0,97 отсто во изминатите 24 часа).

Србија во моментов тестира меѓу два и 10 пати повеќе по глава на жител дневно во споредба со регионот (над 10 пати повеќе од Албанија, 4 пати повеќе од Хрватска и околу два пати повеќе од Словенија и Унгарија). Целта е со вакво сеопфатно тестирање да се фатат сите потенцијални локални жаришта и да се стават под контрола без натамошно ширење за да може ковид-19 потполно да се искорени на територија на Србија.

Извор Слободен Печат