Граѓаните се жалат а ЕВН вели ќе ги порамнува сметките за струја

0
82

Граѓани се жалат дека последниве два месеци им стигнале паушални сметки за струја и дека не можат ни да поднесат приговор. Очитувањата во март и април, од ЕВН велат дека не се реализирале поради коронавирусот и затоа за сите корисници биле изготвени проценети фактури.

Граѓаните се жалат на паушални сметки за струја, а од ЕВН велат дека ниеден корисник нема да биде оштетен. Ако изминатите месеци граѓаните добиле повисока или пониска сметка за струја, тоа значи дека операторот наплаќа паушал, бидејќи од оправдани причини не успеал да го отчита нивното броило. Скопјанката Снежана Пелевиќ се изненадила кога последните две сметки се со ист износ за наплата како за февруари, иако не потрошила толку струја.

„Значи за овие две сметки март и април јас ги финансирам ЕВН. Пазам на евтина струја и само еден фрижидер ми работи. Ми дојде сметка скоро 6000 илјади за два месеци, а ниту се грејам или ладам“, вели Пелевиќ.

Од ЕВН велат дека во случај на вонредна состојба се подготвуваат естимирани сметки за потрошена електрична енергија како просек од потрошувачката во последните 12 месеци. Очитувањата во март и април, според ЕВН, не се реализирале поради препораките за да се спречи ширењето на коронавирусот и затоа за сите корисници биле изготвени проценети фактури. По завршување на вонредните мерки, со следното отчитување, од ЕВН посочуваат, дека ќе се израмнат евентуалните отстапувања направени при проценка на потрошувачката.

„Значи нема да бидат оштетени корисниците во никој случај. Ако се претпоставени повеќе киловат часа следната сметка ќе биде пониска и обратно, ако има помалку киловат часа во претпоставената сметка по отчитувањето наредната ќе биде повисока. На корисниците им останува и можноста во периодот додека не им е изготвена нова сметка да побараат корекција на сметката со пријавување на состојбата на потрошена електрична енергија и во ниска и во висока тарифа.По пријавување ќе биде изготвена нова сметка со новите пријавени состојби. ЕВН никогаш нема да наплати од корисниците повеќе од тоа што корисниците го имаат потрошено“, велат од ЕВН.

Корекција на сметката граѓаните може да побараат со јавување во Центарот за односи со корисниците, со испраќање на состојбите по електронска пошта или со посета на соодветните отворени канцеларии на ЕВН низ земјава.

Пелевиќ вели дека разбира оти се вонредни околности и проблемот е што се обидела да поднесе приговор, но ја препраќале од една до друга канцеларија на ЕВН.

„Ни приговор примаат, ни ништо. Велат јавете се на овој број, а на тој број попрво ќе умреш него да ги добиеш. Јас сега не знам како да си го решам проблемот, а сега ќе стигне сметка за мај“, вели таа.

Од ЕВН информираат и дека потрошувачката кај домаќинствата се зголемила, некаде и двојно, бидејќи граѓаните подолг период седеле во своите домови.

„Според ова корисниците за овие месеци имаат и двојно повеќе потрошено во споредба со истите месеци во минатата година и затоа кај повеќе од нив сметките се повисоки“.

Од ЕВН посочуваат и дека е важно да се нагласи оти со почетокот на мај, броилата кои биле достапни се отчитани и тие сметки се порамнети.

Извор РСЕ