СТОМАТОЛОЗИТЕ ГИ ОТВОРИЈА ВРАТИТЕ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ: Работат, но според пропишани протоколи

0
85

Откако целосно беа затворени од крајот на март поради пандемијата на новиот корона вирус, стоматолозите од средината на неделава повторно ги отворија вратите за своите пациенти, но велат дека и сега има посебни протоколи според кои мора да се придржуваат, со цел заштита од Ковид-19.

Матичните стоматолози, велат дека и покрај тоа што се враќаат во нормала, паниката го стори своето, заради што е намален бројот на пациентите кои бараат одредена стоматолошка услуга. Според протоколите кои сега се на сила, специјалистите ортодонти може да ги вадат фискните протези, додека специјалистите протетичари смеат да репарираат скршени мостови, но не и да ставаат нови. За новите стоматолошки протоколи, Фактор разговараше со д-р. Антонио Златков, општ стоматолог во Стоматолошката ординација „Бисери“

-До 13 мај не работевме, бевме ставени во мирување цели два и пол месеци заради кризната ситуација по налог на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Нашите пациенти, кои беа итни случаи, ги препраќавме во дежурните служби во трите амбуланти во Здравствен дом Скопје, односно во „Ѓорче Петров“, „Битпазар“ и „Јане Сандански“, вели за Фактор, д-р. Антонио Златков.

Со олабавување на мерките, вратите на стоматолошките ординации беа отворени во средната, односно на 13 мај, но д-р. Златков појаснува дека и сега постојат протоколи кои мора да ги почитуваат и за нивна заштита, но и за заштита на пациентите.

-Имаме рестриктивен режим на работа. Тоа значи дека се дозволени интервенции во кои нема користење на насадни инструменти – турбина и ултра звучен апарат за чистење на каменец (тоа се оние инструменти кои предизвикуваат аеросолизација). Ова е евентуално дозволено на крајот на работното време, бидејќи по интервенцијата кај пациент кај кого мора да ги употребме овие инструменти, друг пациент не смееме да примиме. За време на ваква интервенција, ние имаме протокол според кој мора целосно да носиме заштитна опрема, односно скафандер, што е всушност заштитна мерка од вирусот на ниво на Инфективната клиника. Откако ќе замине пациентот, ние сме задолжени веднаш во ординацијата целосно да ги пребришеме кваките и слични места кои се на патеката на движење на пациентот, вели д-р. Златков.

Тоа што посебно го истакна, дека и сега кога ги прават закажувањата по телефон, задолжително прават епидемиолошка анкета. Во известувањето за протоколите на работа објавено од страна на Стоматолошката Комора е наведено дека актуелната стоматолошка доктрина бара на секој пациент кој влегува во стоматолошка ординација да се гледа како потенцијален извор на зараза. Тоа значи дека сите членови на тимот мора да ги спроведуваат сите хигиенскопревентивни мерки како би се заштитиле пред се себеси а и своите пациенти, односно треба да се примени со т.н. оптимално разумен пристап, кој е применлив до точка кога ризикот од инфекција е сведен на занемарлив минимум. Д-р. Златков вели дека постојат задолжителни процедури пред прием на секој пациент.

-Термините да се закажуваат така што ќе има слободен период од половина час помеѓу двајца пациенти за време потребно за дезинфекција, проветрување и припрема на ординацијата и стоматолошкиот тим за следниот пациент. Да се работи само со закажани пациенти со кои по телефон е земена анамнеза за моменталната здравствената состојба, и тоа дали пациентот бил во карантин или во изолација во претходниот период или ја прележал вирусната инфекција со Доколку бил во контакт со заболен и му била изречена мерка карантин, да се утврди дали се поминати 14 – 21 ден, дали е направен тест за корона вирус и дали резултатот бил негативен согласно протокол на Институтот за јавно здравје. При сите сомнителни анамнестичко епидемиолошки податоци на пациентот му се одлага стоматолошката интервенција и веднаш се упатува до неговиот матичен лекар или до најблискиот Центар за јавно здравје, вели д-р. Златков.

Од исклучителна важност е самото влегување на пациентите во стоматолошката ординација. Освен стандардните птротоколи за носење заштитна маска, тие личните предмети, (телефон, чанта и сл.) мора да ги остават на одредено место кое е дезинфицирано и прекриено со фолија за еднократна употреба Мерењето телесна температура е исто така задолжитена мерка која мора да ја спроведуваат стоматолозите кога ги примаат пациентите во ординација.

Извор Фактор