ВО ШТИП ТЕСТИРАЊЕ НА РАБОТНИЦИТЕ ОД ПЕТТЕ КОНФЕКЦИИ

Штип засега не оди во карантин. Комисијата за заразни болести ќе ги следи бројките и почитувањето на мерките и одлука за тоа ќе донесе најдоцна до четврток.

Во Штип се издадени 55 решенија на лица кои се позитивни на корона вирусот за домашно лекување и самоизолација и 169 решенија на лица за здравствен надзор и изолација по однос на контакти . Во таа бројка не се кластерите во фамилии или другите позитивни лица. Очекувано е бројот на заразени со корона вирус да расте со оглед на тоа дека се земени брисеви од сите работници на конфекцијата „Т стајл“, а до понеделник треба да заврши скринингот и на 600 работнички од други пет конфекции што вчера беа затворени.

По одлуката за затворање на дел од конфекциите почна и построга контрола на автобусите што ги носат работниците на работа. Полицијата проверува дали во нив се почитува растојанието, се носат маски или редовно се дезифинцира. Дел од работниците пеш отидоа и пеш се вратија од работа. Се плашат од организираното возење во автобусите.

Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат како лажна вест ја оценија информацијата дека затворените конфекции денес работеле.

Здравствените власти апелираат вработените од затворените конфекции и оние со решенија за изолација да не шетаат низ градот туку дома да ги чекаат резултатите од брисевите.

Заштита на правата на работниците од шестте затворени конфекции со соопштение побараа од ССМ. Велат дека според Законот овие текстилни работници не смеаат да земат помала плата затоа што седат дома.