Филипче убеден – вториот бран ќе трае многу кратко

Рекордни 180 нови случаи во едно деноноќие, министерот тврди дека бројката се должи на изменет начин на тестирање и дека се лесни и асимптоматски случаи. Рестриктивните мерки се издржани и оправдани за министерот. Жителите од општините кои Владата ги стави под клуч слободно патуваат низ државата

СКОПЈЕ – „Несомнено е дека имаме втор бран на епидемијата кој е резултат на непочитувањето на мерките за заштита и препораките. Сликата целосно ќе се промени кон крајот на следната недела. Бранот многу кратко ќе трае но ќе останеме претпазливи “, кажа министерот за здравство Венко Филипче откако беа регистрирани рекордни 180 новозаболени во едно деноноќие во државата.

Тој тврди дека зголемениот број на заболени се должи на фактот што е изменет пристапот кон тестирањето. Се тестираат многу повеќе директни контакти на веќе дијагностицираните случаи на сметка на широкиот скрининг.

„Зголемениот број на заболени е очекуван поради начинот на тестирање кој го применувме деновиве. Интензивно тестиравме првични контакти без симптоми, ги изолиравме и им го ограничивме движењето за да не може да го шират вирусот. Бројката на заболени е висока и се шири во рамките на кластерите или на оние кои се во изолација. Има и спорадично ширење“, објасни Филипче.

Тој смета дека нема причина за паника бидејќи голем дел од кластерите се познати а девет од десет позитивни се или асимптоматски случаи или пак со лесни симптоми и со самото тоа нема ризик за отпретување на здравствениот систем.

„Вируелнтноста значително слабее. Има огромен број на случаи кои се асимптоматски или со лесни симптоми. Тоа воопшти не значи дека вирусот не е опасен, и сега имаме пациенти со тешка клиничка слика“, рече министерот.

Одлуката за 80 часовен полициски час во Скопје, Тетово, Штип и Куманово била единствен начин да се спречи ширењето на заразата и да им се пристапи на секундарните контакти на веќе дијагностицираните случаи. Сепак без објаснување зошто жителите на критичните општини не смеат да се шетаат во своите општини а можат во другите региони на државата, како на пример во Охрид каде што има десетици илјади жители на Скопје кои таму ќе го минат продолжениот викенд.

„Врз основа на проценка на ризик каде се движеле асимптоматските случаи така одлучивме кои отпштини треба да се затворат. Оваа мерка не е дицкриминација туку е мерка за да се заштитат граѓаните. Оваа рестрикција се темелеше на детална анализа дали и колку сите се ставени во самоизолација и да се елиминира ризикот од ширење на вирусот. Рестрикцијата беше потребна за да им се пристапи на вторто и трето колено на контактите. Сметам дека нешто поголем број на граѓани заминаа од општините со најстроги рестрикции и тие треба да се придржуваат до мерки за носење на маски и држење дистанца“, кажа Филипче.

Тој неколку пaти повтори дека кластерите се познати а здравстевниот систем е подготвен да се справи со моменталните бројки но апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за дистанца и заштитни маски а надлежните институции да вршат проверки и да ги казнуваат несовесните граѓани.

„Непочитувањето на мерките ќе значи продолжување на кризата и ќе им се отежне работата на здравствените работницикои три месеци ја водат битката со вирусот“, рече министерот.

Епидемиолозите во последните 24 часа регистрираа рекордни 180 заболени од Ковид -19.
Меѓу нив се и 11 здравствени работници од Градската болница „8 септември“, двајца од Клиниката за гинекологија и акушерство и четворица во тетовската болница.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Куманово на 52 години години, лекуван на клиниката од 30 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Скопје на 68 години, хоспитализирана на 29 мај“, соопштија од министерството за здравство.

Бројката на починати пациенти се искачи на 147 а бројката на активни случаи е 1.009 заболени лица. Најголем број од активните се во Скопје – 552 случаи а регистрирани се 15 семејства – кластери. Најкритично е во Општината Чаир каде има 125 заболени меѓу кои и градоначалникот Висар Ганиу. Во Бутел има 62 активни случаи а во Сарај каде прво изби епидемијата сега има 53 заболени со многу мал број на нови случаи. Во Гази Баба има 46 случаи во Аеродром – 45, Карпош има 35, Центар има 32 активни случаи со Ковид-19, Арачиново 26, Студеничнани 21, а во општините Ѓорче Петров и Кисела Вода има по 19 заболени.

Бројката рапидно расте и во Куманово каде сега има 110 заболени но голем дел се од Липковскиот крај а не од градот. Вирусот брзо се шири и во Штип каде за само неколку дена бројката на позитивни случаи стигна до 104 . Тоа се долѓи на неодговорното однесување на сопствениците на конфекции кои од само ним познати причини ги игнорираа препораките и ги превезуваа вработените од повеќе конфекции во еден автобус наместо секоја одделно. Во моментов се затворени седум конфекции а ќе се тестираат над 500 лица.Тешка е состојбата во Тетово каде има 100 активни случаи и нов кластер кој беше откриен вчера.

Во Општина Дебар, по 45 дена, повторно беше регистриран нов случај на заболен. Станува збор за жена од селото Долно Косоврасти која е префрлена на клиниките во Скопје.

Двоцифрена бојка на заболени има во уште неколку градови во државата – Струга; Гостивар, Велес и Прилеп но според надлежните таму состојбата е под контрола.

Во моментов се хоспитализирани 137 пациенти од кои седуммина се на ресипраторна машина а шестмина со тешка клиничка слика.

Во недела Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок на кој ќе се анализираат бројките на новооткриените случаи и и ќе одлучуваат дали има потреба од повторно воведување на рестриктивни мерки на територијата на целата држава.

Извор Глас на Америка