Груби: ДУИ ќе одлучува кој ќе формира Влада – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифатат условот на ДУИ

0
79

Барањето Албанец премиер за кое лидерот на ДУИ Али Ахмети се погласно и почесто го повторува, сега веќе отворено се поставува и како услов со кој интегративците најавуваат дека ќе водат преговори за состав на новата Влада. ДУИ и овој пат ќе биде партија која ќе одлучува кој ќе го формира новиот владин состав. Ова го изјави Артан Груби во дебатниот магазин Клик Плус на ТВ21. Тој рече дека гласовите кои ќе ги освојат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат блиску и затоа онаа партија која ќе ги прифати нивните барања ќе формира владина коалиција.

„Според анкетите, ако сметаме на нив, се гледа дека гласот на ДУИ повторно ќе биде одлучувачки за формирање Влада, како што се изгледа двете македонски партии ќе бидат многу блиску со гласови, разликата може да биде 1 или 2 пратеници, и ниедна нема да може да формира влада без гласовите во Собрание од ДУИ, и ова е златна можност да го повториме тоа што го направивме во 2016 во клучните процеси за земјава, сега со клучни позиции за земјава“, истакна Артан Груби.

Ќе го прифати ли владејачката СДСМ условот кој деновиве се погласно го поставува Али Ахмети, премиерското столче да му припадне на ДУИ. За генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски несериозно е да се изнесуваат било какви условувања.

„Граѓаните одлучуваат и граѓаните даваат мандат. Мандат ниту дава Артан Груби, ниту било кој друг политичар. И никој во име на граѓаните не смее да уценува, да заканува и да условува. Мислам дека е несериозно во овој момент да се зборува за било какви условувања, можности или сето она што како тема се отвора во јавноста“, посочи Љупчо Николовски.

Побаравме став и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму рекоа дека нивниот лидер практично и одговорил во вчерашната неговата изјава по состанокот на Централниот комитет на партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ јасен беше уште пред неколку месеци кој е кандидатот за премиер, тоа сум јас нели, СДСМ претпоставувам исто така го номинираше господинот Зоран Заев, така што еве имаме тројца кандидати, додуша името на третиот се уште не сме го слушнале“, истакна Христијан Мицкоски.

Пораката – време е за премиер Албанец, Ахмети ја испрати на одбележувањето на 18-годишнината од основањето на ДУИ. Тој тогаш рече дека следната цел по претстојните избори е да биде избран првиот Албанец премиер на земјава.

Извор 21Тв