ДУИ продолжи да ја промовира идејата за првиот премиер Албанец

0
87

ДУИ ја започна предизборната кампања со идејата за првиот премиер Албанец. Оттаму велат дека гласовите на Албанците го направија Зоран Заев премиер во 2016 година, но овој пат тие гласови на Албанците ќе одат кај албанскиот кандидат.

Овој пат граѓаните имаат тројна трка и три можности: двајца македонски кандидати од македонските партии кои биле во минатото и за прв пат во историјата да гласаат за албански кандидат за прв премиер на оваа земја, кој не претставува само една македонска политичка партија, туку и сите граѓани – изјави Изет Меџити, ДУИ.

Другите албански партии, оценија дека се работи за уште една измама од Али Ахмети. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи за понудата на ДУИ вели дека е украдена, манипулативна и навреда за интелигенцијата на Албанците.

Овој човек кој пред 19 години рече дека ве ослободив како нација и ние како нација го плативме тоа со стотици убиени, уништени илјадници куќи, уништени милијарди евра или долари, пари на Албанците од Македонија. Со оваа изјава, тој само ја запечатува следната измама – рече Мендух Тачи, ДПА.

А лидерот на Алијансата за Албанците, Села во синоќешната емисија „Патот Кон“ идејата ја нарече неискрена и нејасна.

Лидер на партија кој предлага идеја треба да прецизира како ќе се постигне тоа. Како ќе стане премиер Албанец? Можеби имаме време. Ако тој е подготвен и навистина ова го мисли, го поканувам на јавна дебата овде во вашето студио, тука да го правиме договорот и да одиме напред со оваа работа – изјави Зијадин Села, претседател на Алијансата за Албанците.

Двете најголеми македонски партии се спротивставија на идејата на ДУИ, велејќи дека нивните партиски лидери ќе се кандидираат за премиери. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека со вакви идеи ДУИ ќе отиде во опозиција.

Извор АлсатМ