Инспекциите ќе утврдуваат дали поскапеле цените

0
73

Инспекциски служби по налог на техничкиот премиер Оливер Спасовски ќе проверуваат зошто во маркетите се зголемиле цените на домашните производи. Дел од граѓаните веќе се пожалија дека цените пораснале токму на домашните производи, откако владата одлучи да подели платежни картички за посиромашните граѓани од 3,6 и 9 илјади денари. Спасовски е убеден дека поскапувањата не коинцидираат со владината субвенција за купување домашни производи.

„Не е момент да правиме профити било какви. Сега е момент да помогнеме сите заедно и на граѓаните. Јас навистина им благодарам на сите компании кои беа општествено одговорни во оваа криза и помогнаа и со намалување на цените и благодарам што ги одржавме цените, но да видиме што ќе кажат инспекциските органи во однос на оваа појава која што не е масовна, меѓутоа ја има во некои од продавниците“, рече Спасовски.

Од Пазарниот инспекторат за Алсат велат дека, инспектори постојано се на терен. Проверуваат дали истакнатите цени на рафтовите се исти како оние заведени во фискалните каси. Според инспекторатот, трговците не ги зголемиле цените драстично, а со укинувањето на вонредната состојба, стапила веќе на сила пазарната логика на понуда и побарувачка. Инаку цените на одредени македонски производи скокнаа, токму по укинувањето на вонредната состојба и процесот на делење на платежни картички за дел од граѓаните. Додека таа беше во сила, владата замрзна дел од цените на основните производи.

Извор АлсатМ