Повеќе од три илјади патници на Табановце во првите девет часа од отворањето на границите

0
74

За само девет часа, на граничниот премин Табановце поминале повеќе вкупно 3075 патници. Можат да патуваат без да приложат негативен тест за Ковид-19, а нема да одат ниту во државен карантин или самоизолација. „Евзони“ останува затворен за влез во Грција. Влезот во Бугарија останува забранет до 15 јули.

Редица од десетина возила на рампата за влез во Македонија, има од минута во минута, на граничниот премин Табановце. Од полноќ се отворени границите и веќе има наплив на повратници во земјава. Повеќе од три илјади патници ја поминале границата за само девет часа.

Специјалните услови кои ги наметна пандемијата веќе не важат. Патниците можат да патуваат без да приложат ПЦР тест не постар од 72 часа и без да завршат во државен карантин или домашна самоизолација. Од граничната полиција не информираа дека границата досега ја преминале претежно македонски државјани.

„Фреквенцијата е веќе во пораст со тоа што од 00:00 часот до 09:00 часот имаат поминато 2143 патници наши државјани и 932 странски државјани, претежно државјани на Република Србија. Вкупно се 3075 патници до 09:00 часот“ изјави Светлана Јовановска – Помошник командир на ГП Табановце.

Екипата на Телма беше заедно со патниците на Табановце. Поразговараме и ни кажаа дека со нетрпение ја чекале оваа одлука на властите. Дел од нив се патници од западна Европа кои доаѓаат на неколку дена само да се видат со блиските, па веднаш ќе се вратат назад.

„Како што кажаа дека ги пуштаат границите и наеднаш со возбуда дојдовме да се вратиме кај блиските. Во Германија никогаш не ни ја одземаа слободата во овие четири месеци само не повикаа да бидеме разбрани и сами да се зачуваме, а инаку слободата беше комплетна – ниту еден ден на работа не пропуштивме.“

„Во нашата држава Македонија знаеме какви се протоколите, а во Србија нема ништо. Сите се без маски, слободни се луѓето.“

„Маски, ракавици, тоа имаме“ велат граѓаните.

Некои од луѓето и пеш ја минаа границата. Во меѓувреме, нашите државјани имаат ограничен избор на земји каде што смеат слободно да патуваат без ограничувањата наметнати поради Ковид-19.

Поради секојдневно високите бројки на новозаразеени, македонските државјани без ограничувања може да патуваат само во Србија, Албанија, Косово и во Турција. На ГП Табановце утрово најголема раздвиженост имаше за влез во државата.

Во однос на другите гранични премини, информациите од Грција се дека граничниот премин Богородица од денес е отворен за излез и влез во земјава, но од соседната страна копнената граница останува затворена за влез на туристи и патници најмалку до 1 јули. Влезот во Бугарија, пак, останува забранет до 15 јули.