Камерата кај Huawei P40 Pro ја продолжува „традицијата“ по која се познати уредите од оваа компанија

0
260

Еден од најновите членови од P серијата на Huawei, P40 Pro, го користиме повеќе од еден месец, време во кое можевме да ги тестираме сите карактеристики и функции на овој одличен телефон. Тестирањето на телефон од Huawei, не би било ни приближно целосно без посебно внимание на камерата, нешто по кое овој производител е посебно познат, а нивните уреди редовно ги освојуваат првите места на листите од повеќе тестирања.

Недостатокот на Play Store, како и другите апликации од Google, е нешто што сигурно не прави разлика кога се во прашање камерите кај P40 Pro и квалитетот на спомени кои ќе ги направат корисниците.
Huawei P40 Pro доаѓа со вкупно 6 сензори, 4 на задната страна и 2 на предната. Нивните карактеристики се следните:

Главна камера на задната страна
50 мегапиксели, f/1.9, оптичка стабилизација на сликата, PDAF фокусирање
12 мегапиксели, f/3.4, оптичко зумирање на сликата до 5 пати, оптичка стабилизација на сликата, PDAF фокусирање
40 мегапиксели, f/1.8, ултра широк агол на слики, PDAF фокусирање
TOF 3D сензор за длабочина на сликата и додатни ефекти
Леќите на овие сензори се како и секогаш од Leica, може да снимаат до 4K видео резолуција со 30 и 60 fps и секако имаат поддршка за HDR.

Предна двојна камера за селфи
32 мегапиксели, f/2.2, автоматско фокусирање и широк агол на сликање
Инфрацрвен TOF 3D сензор за длабочина на сликата, како и за отклучување на телефонот
Оваа камера исто така може да снима во 4K резолуција со 30 и 60 fps и има поддршка за HDR.

Иако не може да се очекува огромна разлика помеѓу два модели во период од една година, сепак P серијата е таа преку која Huawei ја прикажува својата технологија за камерата, па P40 Pro доаѓа со подобрувања во споредба со ланскиот модел од истата класа.

Leica брендот повторно е еден вид гаранција за квалитетот на хардверот кај камерата. Модулот на задната страна е ист како кај конкуренцијата, а за наш вкус тој изгледа одлично и е нешто што немам проблем што повеќе производители го прифатија, за разлика од исечоците на екранот.

Сензорот кај главната камера е најголем кој е вграден на пазарот кај еден телефон, со големина од 1/1.28″ и резолуција од 50 мегапиксели. Huawei и кај своите модели го користи методот на комбинирање на 4 пиксели при сликање, со што се добиваат многу подобри детали, а посебно тоа доаѓа до израз кога се слика во темни услови.

Сликата која се добива со сензорот од 50 мегапиксели е со 12,5 мегапиксели, а корисниците можат да изберат да сликаат со целиот капацитет на сензорот, односно можат да сликаат и со 50 мегапиксели.

Huawei кај овој сензор ги користи RYYB боите, што значи дека дава значење на жолтата, наместо на зелената боја, од причина што од компанијата истакнуваат дека со жолтата боја сензорот може да собере до 40% повеќе светлина во споредба со користење на стандардните бои.

Huawei се едни од првите производители кои почнаа да ја користат вештачката интелигенција за подобрување на сликите и автоматско прилагодување на сцената која се слика преку точно препознавање на тоа што се слика. P40 Pro со помош на ВИ може да препознае дури до 1.500 различни сцени и точно да ги прилагоди сите елементи при сликање за да се добие најдобрата што може слика.

За тие кои се повеќе запознаени со фотографијата, можно е мануелно прилагодување на одредени елементи, како што е ISO, брзината на блендата и слично.

Автоматското фокусирање кај P40 Pro, што е доста важно при сликање, го користи системот PDAF, односно два пиксели се користат за да проценат дали сликата е во фокус, со што скоро е и невозможно да се добие лошо фокусирана слика.