Пендаровски – Вонредна состојба ако партиите се договорат за изборите

0
81

Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека ќе прогласи нова вонредна состојба, само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори, откако лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го повика да прогласи нова вонредна состојба за да се создадат услови за одржување на изборите.

„Претседателот е подготвен да донесе нова одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на цела држава, само доколку претходно биде постигнат меѓупартиски договор на сите политички субјекти за датум на предвремените парламентарни избори, заради создавање на правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување“, велат од Кабинетот на Пендаровски за МИА.

Мицкоски на денешната прес-конференција го повика претседателот Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, нагласувајќи дека партијата има два услова да учествува на изборите – подготовка на протоколи за заштита на здравјето на граѓаните и услови за фер и демократски инклузивни избори, а тоа е распоредување на набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Според него, првиот можен датум за одржување на избори е средината на јули.

Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски завчера во Вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат да течат изборните дејствија за избори на 5 јули. Кампањата, пак, ќе започне на 16 јуни. Изборите првично беа закажани за 12 април, а парламентот се распушти на 16 февруари, но поради пандемијата на коронавирус изборите беа одложени, а на 18 март беше прогласена вонредна состојба од 30 дена, која од тогаш се продолжуваше.