СЗО: АСИМПТОМАТСКОТО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ Е „МНОГУ РЕТКО“

0
77

Заразените лица без симптоми ретко го пренесуваат коронавирусот, Ова вчера го изјавија претставници на Светската здравствена организација.

Иако првичните студии на почетокот на пандемијата посочуваа дека и лицата кои го имаат вирусот, а немаат симптоми, може да го пренесат на други, сега од СЗО велат дека тоа ретко се случува и не е главен начин на ширење на заразата.

„Врз основа на податоците што ги имаме, се чини дека ретко лице без симптоми го пренесува вирусот на друго лице. СЗО добива извештаи од држави, што детално ги следат контактите на заразените, вклучително и асимптоматските случаии и тие држави не откриле дека пренесувањето продолжува со таквите случаи. Тоа на што ние сакаме натаму да се фокусираме е следењето на случаите со симптоми. Да ги следиме сите симптоматски случаи, затоа што знаеме дека ова е респираторен патоген. Се шири од човек на човек преку заразни капки. Ако всушност ги следиме сите случаи со симптоми, ги изолираме, ги следиме контактите и ги ставаме во карантин, драстично ќе ги намалиме случаите.“ – вели д-р Марија ван Кркхов – Светска Здравствена Организација.

Од македонскиот Институт за јавно здравје пак велат дека повеќето студии имаат важни ограничувања, кои што се однесуваат на слабото пријавување симптоми, или пак, на несоодветно дефинирање на симптомите кои се испитувани. Остануваат на ставот дека од суштествена важност е придржувањето на мерките за хигиена на рацете, физичкото растојание како и носењето заштитни маски за да се спречи пренесувањето на вирусот од човек на човек.

„Вијабилен вирус е изолиран од примероци од предсимптоматски и асимптоматски лица, што укажува на тоа дека лицата кои немаат симптоми можеби се способни да го пренесуваат вирусот на други лица. Тешко е да се спроведат сеопфатни студии за пренесување на вирусот од асимптоматски лица, но достапните докази од следењето на контактите што ги пријавуваат земјите членки укажуваат дека постои многу помала веројатност асимптоматски заразените лица да го пренесат вирусот, отколку лицата кои имаат симптоми.“ – велат од Институт за јавно здравје на РСМ.

Дел од медицинската фела пак смета дека нема потреба државата да троши ресусри за скрининг со кој што ќе се бараат асимптоматските лица, ако тие не претставуваат опасност. Наместо тоа велат дека здравствените власти треба да се фокусираат на болните со симптоми и брзо изолирање на лицата со кои што тие биле во контакт.

„Имајте предвид дека ние сега имаме во Скопје две третини од луѓето кои според овие трудови на СЗО најверојатно не се опасни за околината, а седат изолирани. Ако бидат позитивни по 14 дена, уште 14 дена ќе мора да седат, а тие воопшто не се опасни, значи тоа би можело да може да се промени. СЗО смета дека фокусот треба да биде на оние што имаат симптоми дури и да се благи, а особено тоа е битно во летно време, бидејќи ако има некој симптоми, со голема веројатност може да кажеме дека има КОВИД 19 и на тој начин на време да се изолира, а да не се трошат многу ресурси за барање на асимптоматските случаи, бидејќи ако не ја пренесуваат заразата, нема логика да се трошат средства за тоа и да седат изолирани..“ – вели проф. Д-р Никола Пановски.

Според податоците на Институтот за Јавно Здравје, од вкупниот број на потврдени позитивни случаи на КОВИД 19 во Македонија, 35 проценти се или биле асимптоматски.

Извор Тв24