Случај „Рекет“ – Завршни зборови на Боки 13

0
140

„Рекет“ е театарска претстава за јавноста. Вака Боки 13 кој е првообвинет во овој случај, го доживува процесот против него. Во денешниот завршен збор пред судот, рече дека преку обвинението на Русковска не може да се докаже негова вина. Клучен сведок според Боки 13 е како што вели, криминогениот Орце Камчев. „Рекет“ бил политички мотивиран, а Боки 13 се гледал како иден лидер, правејќи паралела со Вилма Русковска која според него сонувала да биде Катица Јанева. Боки 13 го спомна и Зоран Милевски. Покажа слика како Кичеец седи во кафена, од како му беше укинат домашниот притвор.

„Кичеец е пуштен поради политичка агенда, поради изборите. Шета низ Скопје слободно со својата паравојска и седи со директори“, рече Боки 13.

Адвокатот на Боки 13, Сашко Дуковски побара од судот ослободителна пресуда. Укажа на пропусти во „Рекет“ – не бил вештачен телефонот на Боки 13, а обвинението било поставено само врз исказот на Орце Камчев, кој на секој начин сакал да се спаси од случајот „Империја“ кој се водеше против него. Дополнително, Дуковски праша зошто обвинителството нема потврда дека Камчеви од банка извадиле над 700 илјади евра.

„Ако судот ја заснова својата одлука само на доказите изведени на главната расправа, трунка дилема нема, кој што сака нека мисли. Овој предмет е креиран само за јавноста и не случајно во одредени периоди се пуштаа тие снимки на „Ла Верита“ и на други социјални медиуми“, рече Сашко Дуковски, адвокат на Боки 13.

„Рекет“ продолжува утре со завршни зборови на Катица Јанева. Во „Рекет“ веќе е осуден Зоран Милевски – Кичеец на три години, откако призна вина.

Извор АлсатМ