Тензиите повторно растат: Трамп се заканува дека ќе ги прекине сите врски со Кина

0
80

Тензиите повторно започнаа да растат на релација Вашингтон – Пекинг, делумно поради пандемијата на коронавирусот.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со прекинување на сите врски со Кина, реферирајќи се на изјавата пред неколку дена на трговскиот претставник Роберт Лајтизер.

Тензиите повторно пораснаа помеѓу Соединетите Американски Држави и Кина, делумно поради коронавирусот, затоа што Трамп и неговата администрација упорно говорат дека кинеските власти не биле транспарентни на почетоците од ширењето на епидемијата.

Членовите на администрацијата на Трамп дури тврдеа дека вирусот настанал во кинеска лабораторија, а тој за “Wall Street Journal” изјави дека можно е Кина намерно да го проширила вирусот за да ја дестабилизира светската економија.

Односите помеѓу двете земји се влошија оваа година поради трговскиот договор, компанијата „Хуавеи“ и законот кој Пекинг го наметнува на Хонгконг. Поради тоа, Трамп сега вели дека прекинот на сите врски со Кина е една од опциите за САД.

„Соединетите Американски Држави секако ја задржуваат политичката опција за, под различни услови, да ги срушат сите мостови со Кина“, напиша американскиот претседател на Твитер.

Трамп и минатиот месец практично „го најави“ влошувањето на односите откако порача дека не сака да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Лајтизер на сослушувањето во средата во Конгресот изјави дека прекинот на врските е „комплицирано прашање“.

„Тоа беше опција пред многу години, но не мислам дека во овој момент тоа би било разумна политичка одлука“, изјави тој.