ЗНМ ги осуди нападот врз Златев и заканите кон Бурнс

0
141

Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува нападот кој се случил вчеравечер во еден скопски локал врз новинарот и уредник на Лидер, Љупчо Златев, како и онлајн нападите и заканите по безбедноста на новинарката на Слободен печат, Мирослава Бурнс.

Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот како и лицата кои биле вклучени во инцидентот. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници. Сите видови на притисоци и закани кон новинарите и медиумските работници негативно се одразуваат на слободата на изразување и креираат ефект на самоцензура.

Бараме од МВР и ОЈО итно да превземат дејствија за откривање на лицата кои стојат зад профилите кои се заканиле на новинарката и да ги изведат пред лицето на правдата. Објавувањето на вакви и слични престапи од јавни собири преку кои може да се загрози јавното здравје е од јавен интерес и новинарите во никој случај не треба да добиваат закани по својот живот поради откривање и обелоденување на ваквите групни собири.

Овој напад уште повеќе ја истакнува потребата од законски измени во Кривичниот законик, каде во соработка со ССНМ веќе подолго време бараме измени со кои нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице. Ова значи дека со ваквите измени на законот институциите ќе бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија за расчистување на нападите врз новинарите.

Од новата влада, како и од новиот парламентарен состав ќе продолжиме да бараме итно да се пристапи кон измени и дополни на Кривичниот законик со кој ќе се гарантира поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Новинарската професија е клучна за функционирањето на секоја демократска држава и затоа сметаме дека е крајно време законски да се заштитат професионалните новинари како едни од клучните столбови за штитење на јавниот интерес.